January 22, 2022

Заштита на животната средина преку механизмите за човекови права (3)

 Норвешките климатски активисти против експлоатирањето на нафта од Арктикот

                        (V. Belov / Shutterstock.com)

    Почнувајќи од втората половина на минатиот век, заштитата на животната средина се здобива со се поголемо значење на меѓународно ниво. Индикатор за ова се големиот број меѓународни конвенции кои ја регулираат оваа област (Архуска конвенција, Бернска конвенција, Еспо конвенција итн.) Меѓутоа, прашањата за заштита на животната средина имаат извршено влијание и врз други регионални механизми за заштита на човековите права, како што е Европската конвенција за човековите права. Иако оваа конвенција директно не ја регулира областа за заштита на животната средина, се почесто пред Европскиот суд за човекови права, индивидуи и организации се повикуваат на неа.

Во своите пресуди, Европскиот суд за човекови права ги разгледува прашањата за животната средина низ можноста за непречено уживање на човековите права регулирани со Конвенцијата. На овој начин, Судот воспоставува правни правила и стандарди кои се задолжителни за сите земји членки на Советот на Европа. Во овој контекст, климатските активисти повторно се повикаа на меѓународно правни стандарди пред Европскиот систем за заштита на човековите права за да помогнат во справувањето со еколошките проблеми.

Шест млади климатски активисти, заедно со две големи еколошки организации од Норвешка (Young Friends of the Earth Norway и Greenpeace Nordic), поднесоа апликација до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) со која го предизвикуваат експлоатирањето на нафта на Арктикот.[1] Климатските активисти тврдат дека, продолжувајќи да доделува нови дозволи за дупчење нафта на Арктикот, Норвешка ги крши нивните основни човекови права овозможувајќи активност што ќе ги зголеми емисиите на стакленички гасови. Ова е особено проблематично токму во период кога итна декарбонизација во светот е од суштинско значење за заштита на нивните животи и егзистенција. Пред поднесувањето на апликацијата, меѓутоа, претходеше правна битка на климатските активисти која одвиваше во рамки на норвешкиот правосуден систем, каде за жал беше пресудено против апликантите.


Домашната постапка која претходеше на апликацијата

    Норвешка е земја која се залага за понатамошна експанзија на индустријата на нафта и гас, занемарувајќи го ефектот на оваа експанзија врз моменталната климатска криза. Во 2020 година, Норвешка беше 15-та на листата на земји кои се најголеми производители на нафта во светот и беше рангирана на осмото место во светот за производство на природен гас, зад Австралија, но пред Саудиска Арабија. Во оваа насока, на 10 јуни 2016 година Норвешка донесе кралски декрет (одлука), кој се однесуваше на доделување десет лиценци за производство на нафта на норвешкиот континентален гребен во морските области на Баренцовото море.

На 18 октомври 2016 година, организациите Nature and Youth Norway и Greenpeace Nordic поднесоа тужба во Окружниот суд во Осло против Норвешка, застапувана од Министерството за нафта и енергија, оспорувајќи ја валидноста на одлуката од 10 јуни 2016 година за доделување на десетте производни лиценци. Тужбата, како и жалбената постапка пред Апелациониот суд во Боргартинг беа одбиени и беше пресудено во корист на државата.

По исцрпување на правните лекови, случајот заврши да се разгледува во жалбена постапка пред Врховниот суд на Норвешка. Едно од клучните прашања во случајот беше дали одлуката од 2016 година е во согласност со членот 112 од Уставот на Норвешка, кој го регулира правото на здрава животна средина. Понатаму, Врховниот суд требаше да оцени и дали одлуката е повреда на член 93 од Уставот за правото на почитување на животот или член 102 за правото на приватност и семеен живот, како и соодветните права стипулирани во членовите 2 и 8 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).

Ставот на еколошките здруженија беше дека Норвешка мора да преземе пропорционално поголем дел од намалувањата на емисиите, затоа што Норвешкото производство на нафта предизвикува големи емисии на стакленички гасови и затоа што Норвешка има економски капацитет да го стори тоа. Активистите сметаат дека Норвешка мора да ги намали емисиите на стакленички гасови за најмалку 60% до 2030 година. Групите за заштита на животната средина исто така тврдат дека додека не се воспостави детална правна рамка и соодветен систем за одговорност на загадувачи, властите не можат да започнат со истражување во нови области.[2]

Во декември 2020 година, Врховниот суд на Норвешка ја одби жалбата на активистите за заштита на животната средина кои сметаа дека дозволите за лиценцирање нафта дадени на Арктикот го загрозуваат нивното право на чиста животна средина според уставот на земјата. Стравувајќи дека оваа одлука ќе го отвори патот за поголема експлоатација на нафта на Арктикот, климатските активисти го изнесоа случајот пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.


Постапката пред Европскиот суд за човекови права

    При нивната аргументација пред Европскиот суд за човекови права, апликантите се повикуваат на член 2 и член 8 од Европската конвенција за човекови права, кои го гарантираат правото на поединецот на живот како и на приватен и семеен живот. Во рамките на овие два члена, ЕСЧП претходно го толкуваше правото на заштита од штети врз животната средина. Членовите 2 и 8 беа исто така централни и во случајот Ургенда, кој беше расправан пред холандските судови, каде што холандскиот Врховен суд утврди дека холандските климатски цели биле премногу ниски со оглед на научниот консензус за потенцијалната штета од климатските промени.

Апликантите, исто така, тврдат дека Норвешка го прекршила членот 14 од Европската конвенција за човекови права за дискриминација врз основа на возраст, односно непропорционалниот товар што климатската криза го наметнува врз младите и дискриминација врз основа на членство на малцинско население за двајца од апликантите кои се од народот Сами.

Европскиот суд за човекови права го окарактеризира случајот со нафтата на Арктикот како потенцијален „влијателен случај (impact case)“, и затоа побара норвешката влада да одговори на апликацијата „Народот против арктичката нафта ('The People v. Arctic Oil')“.

Барањето на Судот до норвешката влада е значаен развој, бидејќи само еден од десет случаи стигнуваат до оваа точка. Од голема важност е овие прашања да се разгледуваат на европско ниво, по невнимателниот третман во однос на овие прашања кои ги засегаат човековите права од страна на норвешкиот Врховен суд.[3] Имено, по три инстанци во правниот систем на Норвешка, домашните судови утврдија дека норвешката држава не го прекршила членот 112 од норвешкиот Устав, кој вели дека секој човек има право на здрава животна средина и дека државата мора да спроведе мерки за да го обезбеди ова право. Младите активисти и еколошките организации тврдат дека оваа пресуда е погрешна, бидејќи го отфрла значењето на нивните еколошки уставни права и не ја зема предвид точната проценка на последиците од климатските промени за следните генерации. Тие сега се надеваат дека Европскиот суд ќе утврди дека проширувањето на нафтената индустрија на Норвешка ги крши човековите права. Пресудата на Европскиот суд за човекови права би била важна не само за Норвешка, туку и за паневропската примена на Европската конвенција за човекови права во случаите со климатската заштита.[4]

Судот смета дека случајот покренува важни прашања „способни да имаат влијание врз ефективноста на системот на Европската конвенција“ и „големи импликации за домашните правни системи или за европскиот систем“. „Исклучително сме среќни што Судот го препознава суштинското значење на овој случај, за нас и за идните генерации. Сепак, додека случајот е се уште на сослушување пред судот, норвешката влада планира да продолжи со експанзијата на нафта на Арктикот. Ние сме среде климатска криза. Затоа е поитно од кога било Судот да одлучи дека норвешкото дупчење нафта ги крши основните човекови права“, изјави Ела Мари Хета Исаксен, една од активистите. Судот бара одговор од норвешката влада до 13 април.[5]

Во светот има бран нови климатски спорови кои се однесуваат на различни аспекти на климатската криза, а случаите како што е случајот со младите португалски активисти, меѓу другото се однесуваат и на недостижните климатски амбиции на Норвешка. Сепак, овој случај е првиот што исклучиво се фокусира на експлоатацијата на нафта пред Европскиот суд за човекови права, поточно на нови истражувања на нафта и гас.


Aвтор: Оливер Видиков, студент на мастер студиите по Меѓународно право и односи и право на ЕУ, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје



[1] Целосната содржина на апликацијата е достапна на следниот линк: https://www.greenpeace.org/static/planet4-norway-stateless/2021/06/0392a3c0-people-vs.-arctic-oil-%E2%80%93-application-to-the-ecthr-%E2%80%93-for-distribution_skjult-innhold.pdf.

[2] Целосната пресуда на Врховниот суд на Норвешка е достапна на следниот линк: https://www.domstol.no/globalassets/upload/hret/decisions-in-english-translation/hr-2020-2472-p.pdf.

[3] Изјава на Кетрин Хамбро, адвокатка која ги застапува жалителите во случајот, преземено од: https://www.greenpeace.org/norway/arctic-oil-case-takes-big-steps-towards-the-european-court-of-human-rights/.

[4] Изјава на Кетрин Хамбро.

No comments:

Post a Comment