June 24, 2022

Проблематизирање на плановите на Европската Унија за декарбонизација

 

                                                                        Source: www.interregeurope.eu

   Вовед

    Енергијата претставува централна област на правото и политиката на ЕУ уште од нејзиното основање. Два од вкупно трите основачки договори (Договорите) се фокусираа на енергијата: (сега веќе вон-сила) Договорот за основање на европската заедница за јаглен и челик и Договорот за основање на европска заедница за атомска енергија.[1] Дополнително и третиот, погенерален, Договор на Европската економска заедница ја вклучуваше и енергијата во својот опсег. Една од водечките рани пресуди на Европскиот суд на правдата, Коста против Енел, од 1964 година се однесуваше на енергијата и ја потврди улогата на енергетскиот сектор како дел од економските активности опфатени со правото и политиката на ЕУ.[2] Пресудата Коста против Енел исто така е позната по воспоставувањето на еден од најзначајните општи принципи на правото на ЕУ - супрематијата на правото на ЕУ над националните закони.[3]

На почетокот на процесот на европска интеграција, фокусот на европските институции беше поставен на енергетската безбедност и конкурентност. При крајот на векот меѓутоа, климатските промени и одржливоста станаа порелевантни прашања за европската енергетска политика. Како специфичен проблем, потребата за глобална декарбонизација - а со тоа и потребата за глобална енергетска транзиција – ја актуелизираа оваа тема на меѓународната сцена во 1990тите години. Во оваа насока, „Самитот на планетата земја“ во 1992 година во Рио де Жанеиро и Протоколот од Кјото од 1997 година, ја поставија меѓународната рамка за светска климатска агенда. Оттогаш, климатските промени - а со тоа и енергетските прашања - добиваат сè поголема важност во глобалната (и европската) политичка агенда.

Повикот за акција беше повторен во два меѓународни документи, кои го нагласуваат актуелното прашање за глобалното затоплување: Парискиот договор од 2015 година и Специјалниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) за 2018 година. Парискиот договор од 2015 година ја истакна итната потреба „да се одржи зголемувањето на глобалната просечна температура под 2°C над прединдустриските нивоа и да се продолжат напорите за ограничување на зголемувањето на температурата за 1,5 ° C над прединдустриското ниво“. Целта поставена со Парискиот договор беше намалување на емисиите на стакленички гасови на нула. ЕУ активно учествуваше во преговорите и беше меѓу потписничките страни. Дополнителен повик за декарбонизација беше упатен со најновиот Специјален извештај на IPCC за 2018 година за глобалното затоплување од 1,5 ° C, во кој се тврди дека постигнувањето на целта од 1,5 ° C ќе бара значителен пад на емисиите на стакленички гасови од околу 45% веќе до 2030 година, и нула нето емисии во 2050 година.

Со оглед на големата загриженост за климатските промени и глобалното затоплување, ЕУ ја изрази својата сериозна политичка посветеност да се справи со ова прашање, поставувајќи бројни цели за енергетска ефикасност, зголемување на капацитетите за обновливи извори на енергија и намалување на емисиите на стакленички гасови. Овие цели ги истакнуваат клучните приоритети за ЕУ. Сепак, некои цели се поверојатни да бидат остварени од другите и има некои предизвици со кои ЕУ ќе треба да се соочи.


Потребата за регулирање на енергетскиот сектор поради заштита на животната средина

    Енергијата е голем поттик за современите економии, создава бескраен просперитет и удобност. Во исто време, потрошувачката на енергија, која е клучна за развојот на општеството и сега и во догледна иднина, претставува најголема еколошка закана за планетата. Логичното прашање кое следи е дали и зошто ЕУ треба да преземе било какви активности за заштита на животната средина, особено преку наметнување правни обврски на земјите-членки? Дали е подобра алтернатива, тоа да се остави на земјите-членки кои сами ќе ги утврдат националните закони за животна средина? Дали пазарот пак, сам може да одговори на еколошките преференции на неговите учесници и да развие, без мешање на државата, инструменти кои ќе го донесат посакуваниот квалитет на животната средина?

Политиката за правна заштита на животната средина треба да се разгледува во светлина на тензијата што ја наметнуваат овие прашања. Стандардното економско оправдување на државната регулација во доменот на животната средина е дека истата ги „интернализира“ така наречените „надворешни“ еколошки трошоци. Овие надворешни еколошки трошоци се негативен ефект кон природата, кои произлегуваат од работата на економските актери, а кои не се директно на товар на оние кои ги предизвикуваат. Најчесто тие негативни ефекти се издувни гасови, токсичен отпад, преголема бучава, ефекти кои се прелеваат во околината на тие економски актери и преминуваат на товар на сите. Пазарот не секогаш „успева“ да ги интернализира таквите надворешни трошоци, поради недостаток на конкуренција или, почесто, поради високите „трансакциски трошоци“ кои би биле направени доколку многуте погодени од еколошката штета треба да се организираат за да платат за спречување на штета на животната средина.

Државната регулација, според ова економско гледиште, е оправдана за да се поправи „неуспехот на пазарот“.[4] Државните дејствија преземени само на национално ниво честопати се недоволни бидејќи штетите на животната средина имаат прекуграничен ефект. Потем, построгите национални регулативи може да ги охрабрат загадувачите да ги преселат своите бизниси, со што ќе ја поткопаат ефикасноста на државната регулација. Крајниот резултат е што економските актери, кои поради построгата регулација ќе ги преселат своите бизниси, нема да подлежат на таа строга регулација за заштита на животната средина иако повторно ќе имаат пристап до глобалниот пазар.[5]

Оваа аргументација дава одговор на прашањето зошто заштитата на животната средина е најефикасна кога е предмет на глобална расправа. Во оваа насока и ЕУ се има обврзано на меѓународно ниво да преземе низа обврски со цел заштита на животната средина. Во делот кој следи, ќе биде ставен фокус на една од најпроблематичните обврски која ЕУ ја има преземено , а тоа е декарбонизацијата на енергетскиот сектор.


Меѓународните обврски за декарбонизација на Европската Унија

    Европската Унија е членка на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (Рамковна конвенција), која е главниот меѓународен договор за климатска акција.[6] Рамковната конвенција пак, е една од трите конвенции кои беа усвоени на Самитот на Земјата во Рио во 1992 година, кога меѓународната заедница ја препозна потребата за колективно дејствување за заштита на луѓето и животната средина и за намалување на емисиите на стакленички гасови. Таа е ратификувана од речиси сите земји во светот.[7] Во средината на 1990-тите, потписничките страни на Рамковната конвенција дојдоа до заеднички став дека се потребни посилни одредби кои ќе налагаат намалување на емисиите на стакленички гасови. Па така, во 1997 година, тие го склучија Протоколот од Кјото, кој ги воведе првите правно обврзувачки цели за намалување на емисиите за развиените земји.[8] Временската рамка на Кјото протоколот заврши во 2020 година.

Клучниот договор беше усвоен за време на конференцијата на страните на Рамковната конвенција во 2015 година, каде земјите потписнички го усвоија Парискиот климатски договор.[9] Парискиот договор е правно обврзувачки меѓународен договор за климатските промени. Тој беше усвоен од 196 страни на COP 21 во Париз, на 12 декември 2015 година. Неговата цел е да го ограничи глобалното затоплување на долг рок, а за да се постигне оваа долгорочна температурна цел, земјите треба да постигнат климатска неутралност до средината на векот. Парискиот договор стапи на сила на 4 ноември 2016 година, откако беше исполнет условот за ратификација од најмалку 55 земји кои сочинуваат најмалку 55% од глобалните емисии на стакленички гасови. Сите земји од ЕУ го ратификуваа договорот. Со него, земјите ја обновија својата посветеност на климатските активности и се согласија за нови цели за забрзување на напорите за ограничување на глобалното затоплување.

Поимот декарбонизација и декарбонизацијата според Парискиот климатски     договор

    Терминот декарбонизација е небаре универзално прифатен. Основата за ова прифаќање е токму Парискиот климатски договор.[10] Декарбонизацијата во оваа смисла може да се разбере како збир на дејствија и процеси потребни за исполнување на целта на Парискиот договор, имено “да се задржи зголемувањето на глобалната просечна температура на прилично под 2 °C над температурата во прединдустрискиот период, како и да продолжи со напорите да се ограничи зголемувањето на температурата на 1.5 °C над температурата во прединдустрискиот период, признавајќи дека ова значително ќе ги намали ризиците и влијанијата од климатските промени.”[11]

Според наодите од Специјалниот извештај за глобалното затоплување од 1,5 'C на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPPC), за постигнување на целта од 1,5'C ќе биде потребен значителен пад на емисиите на стакленички гасови од околу 45% до 2030 година и до нула емисии во 2050 година.[12] Декарбонизацијата во толку голем обем бара промена во доменот на снабдувањето од енергетски извори, заменувајќи ги во најголем дел фосилните горива кои испуштаат стакленички гасови преку согорување. Покрај замената на снабдувањето со енергија со повеќе извори на енергија без јаглерод, декарбонизацијата ќе се потпира и на мерки од страна на побарувачката, особено она што е најважно - заштеда на енергија.

Европскиот зелен договор и планот за декарбонизација на Европската Унија - предности и недостатоци

    Во декември 2019 година, во воведниот говор пред Европскиот парламент, претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен го објави доаѓањето на Европскиот зелен договор.[13] Главната цел на оваа нова стратегија е да го трансформира европското општество во ресурсно-ефикасна и конкурентна економија, правејќи ја ЕУ општество со нето-нула емисии на стакленички гасови до 2050 година преку одвојување на економскиот раст од користењето на ресурсите. Притоа, за ова потребна е суштинска трансформација на европската економија. ЕУ веќе има постигнато одреден напредок во оваа сфера; меѓу 1990 и 2018 година ја намали емисијата на стакленички гасови за 23%, додека економијата порасна за 61%. Сепак, според предвидувањата, сегашните политики нема да ја намалат емисијата на стакленички гасови за 60% до 2050 година. Од таа причина, новата Комисија во летото 2020 година претстави план за зголемување на целта на ЕУ за намалување на емисиите на стакленички гасови за 2030 година на најмалку 50% и до 55 % во споредба со нивоата од 1990 година.[14]

Стратегијата за декарбонизација на ЕУ, во голема мера, се заснова на замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија. Промената на горивата неизбежно ќе влијае на традиционалниот дискурс за енергетска безбедност заснован на контролата врз фосилните горива и нивните синџири на снабдување. Карактеристиките на обновливите енергетски ресурси, вклучувајќи го нивното релативно изобилство, локалната достапност и периодичноста, но исто така и околностите тесно поврзани со нивното се поголемо присуство, како што се дигитализацијата, развојот на технологијата и децентрализацијата, треба да се земат предвид кога се дискутира за влијанието на декарбонизацијата врз европската и глобалната енергетска безбедност. Фокусот на идната политика за енергетска безбедност најверојатно ќе се префрли од геополитичка, кон повеќе технолошка и заснована на трговија перспектива.

Меѓутоа, покрај амбициозните чекори преземени од страна на Европската комисија, на патот кон декарбонизација стојат низа предизвици. Во оваа насока, предложеното темпо на декарбонизација не се усогласува целосно со правните одговорности на Европа како и со тврдењата за светско лидерство во овој домен.

Прво, посветеноста за декарбонизација е непропорционална со тековниот и историски придонес на Европа за загадувањето низ целиот свет. ЕУ денес е трет најголем емитент на стакленички гасови во светот. Таа е одговорна за речиси осум проценти од сите емисии на глобално ниво и има одиграно огромна улога во поттикнувањето на историските емисии.[15] Според Climate Analytics, Германија сама ќе учествува со приближно 3,9% од глобалното зголемување на температурата до 2100 година - земајќи го предвид нејзиното историско наследство.[16]

Од друга страна, и економијата на ЕУ продолжува да зависи од глобализираните трговски текови кои извезуваат емисии и загадување во другите делови на светот. Ова е особено акутно во земјоделството. Додека европските шуми значително се проширија помеѓу 1994 и 2014 година, апетитот на Европа за увоз на земјоделски производи доведе до неконтролирано уништување на шумите во странство.[17] Нема знаци за промена на овој пристап согласно Европскиот зелен договор.

Второ, заложбата за „нето-нула“ емисии сама по себе е проблематична, прикривајќи го уништувањето на животната средина потребно за да се постигне тоа ниво. „Нетото“ е засновано на претпоставката дека континуираните емисии на CO2 ќе бидат неутрализирани со главно недокажаните и еколошки деструктивни технологии за секвестрација на јаглерод. Затоа, поважно од фиксниот датум за постигнување декарбонизација е темпото со кое се случува транзицијата и големината на „мрежата“. Транзицијата заснована на несмалени емисии и експлоатација на огромни површини земја - дури 40 проценти од целото обработливо земјиште, според неодамнешните проценки - за да се генерира биомаса потребна за неутрализирање на јаглеродот, не може да ги исполни принципите на глобална правда.[18]

Трето, големиот историски придонес на Европа за климатските промени и нејзините поголеми технолошки и финансиски капацитети носат зголемена одговорност за справување со кризата. Самитот на Земјата во 1992 година во Рио де Жанеиро ја официјализираше “Заедничката, но диференцирана одговорност (CBDR)”, принцип што се рефлектира во Парискиот договор од 2016 година.[19] Принципот вели дека од побогатите земји треба да се очекува да преземат поголем дел од товарот на климатските активности. Зелениот договор на ЕУ делумно ја избегнува оваа одговорност. „Сметаме дека е донекаде несреќно да се види дека некои земји се враќаат на ригидна и донекаде застарена реторика која го дели светот на развиени и земји во развој“, рече водечкиот преговарач за климата на ЕУ, Елина Бардрам.[20] Во оваа насока, диференцирањето на развиени и земји во развој не е воопшто бескорисно, напротив, тоа го зголемува чувството на одговорност и дава историска димензија на проблемот.

Таа поделба станува појасен фокус како што продолжуваат климатските и еколошките кризи. Најтешките влијанија од урагани, суши, поплави, пожари, лизгање на земјиштето и други катастрофи се случуваат во земјите на глобалниот југ. Постои нееднаква дистрибуција и на влијанијата од климатските промени и на капацитетите за одговор на самите земји.[21] Таквата нееднаквост станува дури и појасна кога гледаме надвор од доменот на климатските промени. Низ светот, осиромашувањето на почвата предизвикано од интензивните земјоделски техники ги загрозува резервите на храна за милијарди луѓе.[22] Во подземните водоносни слоеви, кои се примарен извор на вода за пиење за речиси две милијарди луѓе и воедно претставуваат 40% од водата што се користи за наводнување на глобално ниво - стапката на екстракција на пивка вода сега драматично ја надминува стапката со која таа вода се надополнува.[23] Дополнително, многу животински видови се на работ на масовно истребување во големи размери, со тоа што една петтина од видовите без'рбетници се соочуваат со истребување. Тиа се опрашувачи, чувари на почвата, претставуваат заштита од штетници и храна за животните кои одржуваат внимателна рамнотежа во природниот свет - самата основа, со други зборови, на сите копнени екосистеми.


Заклучок

    Неминовен тренд во енергетските политики на ЕУ е нејзината транзиција кон климатско неутрален континент до средината на векот. Оваа заложба главно произлегува од меѓународните обврски на ЕУ на полето на заштита на животна средина и борбата против климатските промени. Во овој контекст ЕУ го усвои и Зелениот европски договор, согласно кој земјите членки треба да постигнат нето нула емисии на стакленички гасови до крајот на 2050 година. Клучно прашање е дали оваа стратегија е преамбициозна и кои се нејзините предизвици. Од една страна ЕУ има остварено одредени успеси на полето на декарбонизација, со што од нивоата на стакленички гасови во 1990, до 2018 успеа да намали 23%, а воедно и да ја развие економијата. Од друга страна на земјите членки им претстојат низа предизвици и самиот Европски зелен договор содржи одредени недостатоци. Поради овие причини, подетално и повнимателно регулирање на оваа транзиција е клучно за годините кои следат.


Автор: Оливер Видиков, студент на мастер студиите по Меѓународно право и односи и право на ЕУ, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје



[1]ESCS Treaty or Paris Treaty: Treaty Establishing the European Coal and Steel Community, 18 April 1951, 261 U.N.T.S. 140;

Consolidated version of the Treaty establishing the European Atomic Energy Community OJ C 327, 26.10.2012, достапно на: http://data.europa.eu/eli/treaty/euratom_2012/oj.

[2] Flaminio Costa v ENEL (Case 6/64), EU:C:1964:66, [1964] ECR 585, 15 July 1964.

[3] Овој принцип подоцна беше потврден во голем број случаи. Меѓу другите: C-393/92 Almelo [1994] ECR I-1477; C-157/94 Commission v Netherlands [1997] ECR I-5699; C-159/94 Commission v Italy [1997] ECR I-5793; C-158/94 Commission v France [1997] ECR I-5819.

[4] Alan Randall, The problem of market failure, Natural Resources Journal, 1983 - JSTOR.

[5] Kim Talus, EU Energy Law and Policy: A Critical Account, Oxford: Oxford University Press, 2013, pp. 350-1.

[6] United Nations Framework Convention on Climate Change. New York: United Nations, General Assembly, 2019, достапна на: https://www.refworld.org/docid/3b00f2770.html.

[7] Во моментов има 197 страни потписнички  на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени, достапно на: https://bit.ly/3GP7PBT.

[8] UNFCCC (1997) Kyoto Protocol to the United Nations Framework Convention on Climate Change adopted at COP3 in Kyoto, Japan, on 11 December 1997, достапен на: https://unfccc.int/documents/2409.

[9] Paris Agreement to the United Nations Framework Convention on Climate Change, Dec. 12, 2015, T.I.A.S. No. 16-1104;

[10] Paris Agreement to the United Nations Framework Convention on Climate Change, Dec. 12, 2015, T.I.A.S. No. 16-1104;

Статус на земји кои го ратификувале договорот: UNFCCC: Paris Agreement - Status of Ratification, 2021, достапно на: https://unfccc.int/process/the-paris-agreement/status-of-ratification.

[11] Закон за Ратификација на Договорот од Париз „Службен весник на РМ“ бр. 161/2017, Член 2 став 1 (а) од Парискиот климатски договор.

[12] Меѓувладиниот панел за климатски промени(IPCC) е тело на Обединетите нации кое работи на проценка на науката поврзана со климатските промени;

IPPC: Special Report on Global Warming of 1.5 ºC, достапно на: https://www.ipcc.ch/sr15/.

[13] Извадок од изјавата на Урсула фон дер Лајен: “Seventy years ago, Europeans invested in coal and steel. And it turned out to be a historic reconciliation and an economic miracle. Today we are investing in renewables and algorithms… The European Green Deal is about reconciling our economy with our planet, reconciling the way we produce, the way we consume with our planet and respecting the environment we live in. That is the core of the European Green Deal.”

[14] EC (2019). The European Green Deal. COM (2019) 640 final. Brussels: European Commission.

[15] Ge, Mengpin and Johannes Friedrich. 2020. “4 Charts Explain Greenhouse Gas Emissions by Countries and Sectors.” World Resources Institute, February 6, 2020. https://www.wri.org/blog/2020/02/greenhouse-gas-emissions-by-country-sector.

[16] Rocha, Marcia, Mario Krapp, Johannes Guetschow, Louise Jeffery, Bill Hare, Michiel Schaeffer. 2015. Historical Responsibility for Climate Change — from countries emissions to contribution to temperature increase. Climate Analytics, November, 2015. https://climateanalytics.org/media/historical_responsibility_report_nov_2015.pdf.

[17] Fuchs, Richard. 2020. “Europe’s Green Deal offshores environmental damage to other nations.” Nature, October 26, 2020. https://www.nature.com/articles/d41586-020-02991-1.

[18] Phys.org. 2018. “Crisis management: Seven ways to engineer climate.” Phys.org, October 8, 2018. https://phys.org/news/2018-10-crisis-ways-climate.html.

[19] United Nations Conference on Environment and Development (UNCED) in Rio de Janeiro, 1992.

[20] Yeo, Sophie. 2015. “Old battlelines resurface as countries meet for last time ahead of Paris climate summit.” Carbon Brief, October 26, 2015. https://www.carbonbrief.org/old-battlelines-resurface-as-countries-meet-for-last-timeahead-of-paris-climate-summit.

[21] Burke, Marshall, Solomon M. Hsiang, and Edward Miguel. 2015. “Global non-linear effect of temperature on economic production.” Nature, 2015. http://web.stanford.edu/~mburke/climate/BurkeHsiangMiguel2015.pdf.

[22] Yang, Sarah. 2015. “Human security at risk as depletion of soil accelerates, scientists

warn.” UC Berkeley, May 7, 2015. https://news.berkeley.edu/2015/05/07/soil-depletionhuman-security/.

[23] Thomas, Brian F., and James S. Famiglietti. 2019. “Identifying Climate-Induced Groundwater Depletion in GRACE Observations.” Nature, March 11, 2019. https://www.nature.com/articles/s41598-019-40155-y.

No comments:

Post a Comment