May 16, 2021

(РСМ) Примена на Архуската Конвенција за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правда за прашања поврзани со животната средина (1)

 Студија на случај: Градски парк „Љупчо Шкартов“, Кавадарци

Градски парк „Љупчо Шкартов“, 2018

    

    Во овој прилог, меѓу другото, ќе биде изложено постапувањето на Општина Кавадарци спротивно на начелото на активна транспарентност што Архуската Конвенција[1] (во понатамошниот текст: Конвенцијата) и релевантното национално законодавство го стипулираат како обврска на јавните власти, а особено локалната самоуправа. Следствено, ќе биде аргументирано како ова (не)постапување ја спречи засегнатата јавност да го искористи и своето право на учество во носењето на одлуки поврзани со животната средина.

      Архуската Конвенција е ратификувана од страна на Собранието на Република Северна Македонија на 1.7.1999 г., со донесување на Закон за ратификација на Конвенцијата.[2] На овој начин Конвенцијата е дел од домашниот правен поредок и е директно применлива согласно со Уставот на РМ. Согласно конвенцијата, јавните власти на локално ниво се директно обврзани да ги почитуваат одредбите на истата.[3] Од домашните акти, пак, како lex specialis за животната средина се јавува Законот за животната средина.[4] Од него е релевантен, пред се, членот 17, а потоа следуваат и членовите 56 и 56-а.[5]

    Анализата која следува се фокусира на општина Кавадарци, кадешто со Детален Урбанистички План од 2013 година, Општината предвидела урбанизација на дел од градот кој зафаќа простор од површината на градскиот парк „Љупчо Шкартов”. Со оглед на природата на градежните потфати кои биле предвидени, било очигледно дека истите ќе имаат влијание врз животната средина на пределот. Меѓутоа, локалните власти не ја оцениле оваа активност како потенцијално штетна за животната средина и потем не ги испочитувале обврските кои им ги налага подолунаведената правна рамка.

    Градскиот парк „Љупчо Шкартов” во Кавадарци претставува едно од само неколку места кои се автентични за градот и кои се дел од идентитетот на градот, а воедно претставува и една од најголемите зелени површини во рамките на истиот. Во март 2018 година на влезот на паркот отпочнаа изградби на објекти за домување и пристапни патишта до истите. Градбите не само што интрузивно навлегуваа во интимата на паркот, туку низ процесот на изградба беа исечени децениски дрвја, претпознатливи за овој дел од градот. Финалниот проект кој денес предвидува 6 објекти за домување и неколку деловни единици, несомнено го узурпира влезното подрачје на паркот, придонесува за зголемена бучава во истиот и попречува рекреирање на граѓаните во тој дел. Дозволите за градба на овој дел од паркот биле издадени согласно ГУП и ДУП на градот од 2013 година, од страна на Општина Кавадарци. Засегнатата јавност не била ефективно информирана за овие случувања, ниту пак била активно вклучена во носењето на оваа одлука уште во најраните фази на постапката.

Правна аргументација

    Конвенцијата во рециталите на својата преамбула повикува на неопходноста од информирање и вклученост на јавноста во активносите кои имаат влијание врз животната средина, а укажува и на потребата од зголемена транспарентност во овие процеси од страна на државите.[6] Согласно дефинициите кои ги дава Конвенцијата, конкретната јавност која беше засегната со овој урбанистички подвиг беше локалното население на општина Кавадарци[7]. Покрај обврската која за Општината произлегува од националното законодавство, поточно од начелото на учество на јавноста и пристап до информации, сторено е прекршување на обврските кои ги налага Конвенцијата. Со оглед на тоа што Конвенцијата е дел од нашиот внатрешен правен поредок и е ратификувана согласно Уставот, овие прекршувања се и противуставни.[8]

    Во оваа насока, општината постапила спротивно на одредбите од првиот столб на Kонвенцијата, поконкретно на член 5 став 8 во кој на државите им се задава обврска да формираат механизми за информирање на јавноста така што истата ќе може да носи одлуки за животната средина врз основа на добра информираност. Понатаму, сторено е и прекршување на одредбите од вториот столб, поточно на член 6 став 2 од Kонвенцијата, каде се потенцира обврската на јавните власти да ја информираат засегнатата јавност на почетокот на процедурата за основните податоци во врска со истата и начинот на кој таа може да учествува во истата. Имено, член 6 став 1 алинеја б предвидува примена на одредбите на овој член во однос на активности “што би можеле да имаат битен ефект врз животната средина”. Со оглед на природата на градежните активности и нивната специфична местоположба, може да се тврди дека случајот потпаѓа под опфатот на цитираниот член.

    Протолкувано, ова би значело дека Општината најпрво би требало да ја идентификува засегнатата јавност и потоа соодветно и ефективно да ја информира за намерата да се преземат овие активности. Понатаму, на засегнатата јавност би требало да и се стави на увид целата документација во врска со урбанизацијата на ова подрачје и детално да и ги изложи предложените активности и промени во врска со истата. На крај, истата би требало да биде повикана да даде свое мислење во однос на урабнизацијата на овој дел од градот.

    Клучна повреда во случајов е сторена и на став 4 од истоимениот член 6, каде јавните власти се обврзани да обезбедат навремено учество на јавноста кога сите опции се отворени, нешто што ни оддалеку не е сторено во носењето на одлуката за урбанизација на ова подрачје. Иако граѓаните успеаа да се вклучат во многу подоцнежна фаза, ова никако не смее да се протолкува како исполнување на обврската од член 6 став 4. Во прилог на ова тврдење оди соопштението од Архускиот жалбен комитет, во кое се вели дека откако ќе се донесе одлуката за дозвола на предложената активност на одредена локација, без да се вклучи јавноста, и притоа да се обезбеди нивно вклучување во другите фази на донесување одлуки, во никој случај не може да се смета како исполнување на условите врз основа на член 6 став 4.[9] Заклучно, во постапката била извршена повреда и на член 6 став 9, односно јавноста не била информирана ниту во моментот кога била донесена конечната одлука.

    Неизбежно мора да биде напоменато дека погоре изложената аргументација не смее да се толкува изолирано, туку во согласност со останатите одредби од Конвенцијата. Оваа анализа треба да се согледа особено во согласност со Рецитал 17 и 19, каде се нагласува дека работите кои ја засегаат животната средина се од јавен интерес и дека информирањето на јавноста треба да биде адекватно, а не само про-форма.

Граѓанската реакција и нејзиниот исход

    Како реакција на овие случувања во 2018 година се појави „Иницијатива за спас на градскиот парк во Кавадарци”, предводена од граѓански активисти, која упати јавно барање до властите за мораториум на градбите и реституција на процесот. Актуелниот градоначалник на градот во тоа време, Митко Јанчев потенцираше дека немало можност овој процес да се врати назад со оглед на големината на инвестицијата која веќе била направена. Во излагањето на градоначалникот беше напоменато дека правно не може ништо да се смени и дека не постои закон со кој би се променила одлуката и би се сопрела изградбата на згради и дека тој ќе се бори за зголемување на зелените површини во градот и вклучително Градскиот Парк.[10]

    Согледано од денешна перспектива, после овие случувања следуваше повнимателен пристап на општината кон прашања поврзани со животната средина, а истовремено и зголемена свест кај локалното население за нивното право на информираност и учество во овие процеси. Низа јавни политики сведочат за ова позитивно влијание, меѓу кои и меморандумот за соработка со Архитектонски факултет каде општината се обврза на соработка во изнаоѓање одржливи решенија и идеи како да се развие и раззелени градот. Овој акт директно отсликува инклузивност на јавноста во креирањето и носењето на одлуки кои ја засегаат животната средина и е позитивен пример за унапредување на примената на Конвенцијата.[11] Дополнително, општината поажурно постапува согласно конвенцијата и во однос на информирањето на граѓаните и подигањето на свеста за животната средина. Во овој контекст таа организира неколку акции за подигање на нови зелени површини, пошумување и обнова на дрворедите во градот. Реконструкцијата на градскиот парк и изградбата на нов зелен парк во непосредна близина на стариот, се капиталните проекти кои јавните власти ги преземаа како обид за ремедијација на животната средина со оглед на тоа што реституција во случајов не беше возможна.[12] Заклучно, граѓанските рекации доведоа, меѓу другото, до зголемено ниво на активна транспарентност за што зборува и високото котирање на општината според индексот за активна транспарентност спроведен за 2019 година.[13]

автор: Оливер Видиков, студент на мастер студиите по Меѓународно право, меѓународни односи и право на ЕУ, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје  



[1] Обединети Нации: Економски и социјален совет, "Конвенција за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правда за прашања поврзани со животната средина", 1998.

[2] Архуска конвенција, Сл. Весник на РМ бр. 40/99.

[3] Ibid. Член 2 став 2 точка а) Влада (власт), на национално, регионално и друго ниво.

[4] Закон за животната средина („Службен весник“ бр. 53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 124/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14, 44/15, 129/15, 192/15, 39/16 и 99/18).

[5] Членовите 56 и 56-а утврдуваат обврска за Владата, единиците на локалната самоуправа и сите други субјекти опфатени со законот проактивно да објавуваат податоци поврзани со животната средина. Како особено релевантни информации во случајов, а кој ЕЛС се обврзани да ги споделат се:

·         овластувања чие спроведување може значително да влијае врз животната средина, како и договори склучени меѓу правни и физички лица чие спроведување може значително да влијае врз животната средина или да обезбедат упатување на местото каде што може да се побараат или да се најдат такви информации во согласност со овој закон и

·         студии за оцена на влијанието на проекти врз животната средина или да упатат на место каде што може да се побараат или да се најдат информации во согласност со овој закон.

[6] Ibid. Рецитали 8 – 12, особено рециталот 10 кој гласи “Сакајќи со ова да ја развијат одговорноста и транспарентноста во донесувањето одлуки и да ја интензивираат јавната поддршка за одлуките во врска со животната средина”.

[7] Ibid. Член 2 точка 5.

[8] Особено да се земат предвид: Член 115 од Уставот: „Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон. Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката. Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината“.

Член 118: Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“.

[9] Согласно клучните наоди од соопштението ACCC/C/2005/12 (Албанија).

[10] Радио МОФ, Кавадарчани утре организираат собир за спас на Градскиот парк, 2 Апр 2018, https://www.radiomof.mk/kavadarchani-utre-organiziraat-sobir-za-spas-na-gradskiot-park/.

[11] Општина Кавадарци, "Градоначалникот Јанчев беше домаќин на студенти и професори од Архитектонскиот факултет при УКИМ од Скопје", 6 Фев. 2018, https://kavadarci.gov.mk/gradonachalnikot-janchev-beshe-domakin-na-studenti-i-profesori-od-arhitektonskiot-fakultet-pri-ukim-od-skopje/.

[12]Општина Кавадарци, За поубаво и почисто Кавадарци!, 18 Мар 2019, https://bit.ly/3tPHpsrДарудова, Светлана, Почна реконструкцијата на Градски парк Кавадарци, прва посериозна по 40 години, 17 јуни 2020, https://mia.mk/pochna-rekonstrukci-ata-na-gradski-park-kavadarci-prva-poseriozna-po-40-godini/.

[13] Герман Филков, Сабина Факиќ, Марко Митевски (2019). Индекс на активна транспарентност 2019, Центар за граѓански комуникации, Скопје, достапен на: http://www.ccc.org.mk/images/stories/ia2019mk.pdf.



No comments:

Post a Comment