December 16, 2022

Начините на справување со пластичниот отпад во Европските земји

 

Copyright @phys.org

    Загадувањето од пластиката станува сé поглобален проблем. Влади, фондации, социјални медиуми и други организации ја користат секоја прилика да ја подигнат свеста во врска со ова. Бидејќи пластиката претставува поевтино решение, нејзината употреба е енормно голема. Една од позначајните теми што се појавува денес се Европските земји и нивниот начин на справување со пластичниот отпад.

Познато е дека Европа се наоѓа на врвот на еколошката скала, каде целата енергија и производи се рециклирани и повторно употребувани. Но, вистината е дека многу од нејзиниот т.н. „зелен успех се должи на извозот на отпад надвор од границите на континентот.

До почетокот на 2018 година, Европа се немаше соочено со поголеми проблеми поврзани со пластичниот отпад и неговите последици, благодарение на Кина, која прифати огромен дел од европскиот отпад. Поконкретно, во Европа во истата година од целиот пластичен отпад кој изнесувал 8.4 милиони тони, 1.6 милиони тони биле испратени во Кина, или околу 20%. На крајот од оваа година, целата ситуација е тотално спротивна, поради одлуката на Пекинг да стави крај на оваа практика, поставувајќи строги мерки во однос на увозот на пластика.

По оваа одлука, како жртва во новонастанатата ситуација се појави Турција – поради нејзината географска близина, силните трговски односи со Европската Унија и нејзиниот статус како членка на OECD. Во 2020 и 2021 година, Турција прими половина од пластичниот отпад кој 27-те земји членки на ЕУ не успеале да го обработат. Во период од четири години, увозот на отпад во Турција се зголемил за повеќе од 1200%, денес достигнувајќи 450,000 тони  годишно.

Не го знаеме ниту точниот процент на рециклиран и складиран отпад во депониитеобјасни Nihan Temiz Atas, директор на проектот за пластика во Greenpeace Mediterranean.

Истражувањето на OECD покажува дека Турција во 2020 година се рангирала најниско помеѓу земјите членки на оваа организација во однос на рециклирањето на целиот отпад. Доколку би имала подобра организација во однос на собирањето и рециклирањето тоа би довело до значителна промена во индустријата, со оглед на тоа што целосното селектирање на отпадот се врши од страна на вработени во приватни компании, какви што ги нема многу. Овие причини и појави предизвикуваат последователна реакција од која со најголем број негативни ефекти се соочуваат децата и вработените мигранти кои работат во самите депонии.

Случајот на Али, со кој нè запознава Human Rights Watch, е особено важен затоа што ја дава вистинската слика за оваа состојба. Али е маж во своите 20-ти години кој почнал да работи во хала за рециклирање пластика во Адана, град на југот во Турција, кога имал само 13 години. Тој работел 13 часа дневно во објект за рациклирање, сортирање, сечкање и топење на пластика во мали палети, но пред неколку години ја напуштил работата бидејќи имал проблеми со дишењето за кои е сигурен дека се поврзани со загадувањето на воздухот во објектот за рециклирање.

„Има силен мирис на гас“, објасни Али.

Официјалните бројки покажуваат дека од март 2022 година имало 167 лиценцирани капацитети за рециклирање пластика во Адана, голем дел од кои се наоѓаат во близина на населби, паркови, училишта, итн.

Приказната на Али не е единствена. Иако се смета за позитивно, рециклирањето пластика може да претставува значителна закана за животната средина, човековото здравје, но и човековите права. Пластичните производи содржат токсични материи кои при рециклирањето се ослободуваат и предизвикуваат негативни ефекти кај луѓето. Работниците во депониите често како здравствени проблеми ги истакнуваат силната главоболка, респираторните проблеми, сериозните кожни заболувања и др., поради тоа што работеле без заштитна опрема и немале пристап до медицински третман.

За да се заштити правото на здравје на работниците во установите за рециклирање и на жителите во близина, турската влада треба да ја спроведува постојната законска регулатива за да ги спречи штетите предизвикани од индустријата за рециклирање пластика. Земјите извознички од Европската Унија, од своја страна, пак, треба да преземат чекори за управување со отпадот на нивна територија, бидејќи со неговото извезување придонесуваат кон повреда на низа човекови права, особено правото на здрава и чиста животна средина во земјата-увозник на отпадот.

Бидејќи се работи за сериозен проблем кој ја засега целата јавност, во наредниот период се очекува Советот на ЕУ и Европскиот Парламент да гласаат за ревизија на Регулативата (ЕЗ) бр. 1013/2006 за извезување на отпад. Ревидираната верзија предвидува построги правила за извоз на отпад, поефикасна циркуларна економија и решителна акција против трговијата со отпад. Овој предлог ги имплементира севкупните цели на Европскиот зелен договор за редуцирање на отпадот и обврските вградени во новиот Акционен план за циркуларна економија, како и Акциониот план за нула загадување. Според оваа Регулатива, која ја спроведува Базелската конвенција, властите на државата-увозник мора да бидат известени за опасниот отпад пред да се дозволи неговото извезување.

Имајќи предвид дека таа е составена од најбогатите земји во светот, се очекува Европската Унија да го најде соодветното решение за овој проблем така што посиромашните и земјите со помалку ресурси не би морале да го преземат најголемиот дел од товарот. Најавената реформа претставува можност земјите членки на ЕУ да преземат одговорност за сопствената потрошувачка и еколошките ефекти кои произлегуваат од неа. Основниот проблем кој се воочува е дека и покрај тоа што постојната правна регулатива на ЕУ е доволно детална и јасна, практиката на постапување на Унијата и дел од земјите членки сепак не е целосно усогласена со неа. Во меѓувреме, растечката стапка на производство и потрошувачка на пластика продолжува да придонесува за штети по човековото здравје кои претставуваат повреда на основните човекови права. 


Автор: Ана Штерјова, студент на втора година правни студии, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје 

No comments:

Post a Comment