April 25, 2023

Предлог Законот за климатска акција – чекор напред во заложбите на Република С. Македонија за борба против климатските промени

 



                                                    “Земјата нуди доволно за да ги задоволи потребите на секој човек, но не и алчноста на секој човек”

- Махатма Ганди

                                                                         

Климатските промени се однесуваат на долготрајни промени во температурите и временските форми. Ваквите поместувања на температурите се предизвикани како од природните појави - варијациите на сончевите циклуси, така и од човековото влијание, со употребата на фосилни горива како што е јагленот, нафтата и гасот. Согорувањето на фосилните горива испушта емисии на стакленички гасови[1] кои делуваат како ќебе обвиткано околу Земјата, заробувајќи ја сончевата топлина во атмосферата. Јаглеродниот диоксид и метанот се најчест пример за емисии на стакленички гасови кои предизвикуваат климатски промени. Штетните нивоа на јаглероден диоксид кога тој се јавува во прекумерно ниво во составот на воздухот и ги надминува здравите граници се среќаваат при употреба на бензинот кај моторните возила, јагленот при греење во објектите, како и при расчистување на земјиштето со што се горат огромни пространства на шуми и се ослободуваат енормни количини на јаглероден диоксид. Депониите со комунален отпад се еден од најголемите извори на емисии на метан. Главни причинители за штетното ниво на овие гасови се енергетиката, индустријата, превозот, земјоделството и употребата на земјиштето.

Климатските промени се јавуваат како директен резултат на: производството на енергија - електрична и топлинска, производството на производи за широка потрошувачка, сечењето на шумите, превозот, производството на храна, енергијата за станбените и деловните објекти, и сл. Негативни последици од климатските промени се: повисоките температури - над 40°, во последните години, деструктивни бури и невреме, зголемување на сушата, загревање на океаните со што нивото на вода расте (океанот го впива најголемиот дел од топлината на глобалното затоплување), топење на глечерите, загуба на видови од живиот свет, недостиг на храна, зголемени здравствени ризици, сиромаштија и раселување.    

Конкретно во Република С. Македонија климата се менува, температурите континуирано растат и се јавуваат екстремни временски околности (суши и топли бранови, поплави и бури). Република С. Македонија се вбројува меѓу најранливите земји во светот, поради неповолните климатски и социо-економски услови. Како земја со население од 2 милиони жители, има високи емисии на јаглерод диоксид (CO2), а само мал дел од емисиите на стакленички гасови се јавуваат на глобално ниво. Нашата земја ја призна потребата од преземање на ефективни активности за ублажување на негативните влијанија од климатските промени. Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) е главната институција за климатска акција. На предлог на МЖСПП иницирана е постапка и усвоени се пет Закони за ратификација: Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени, Договорот од Кјото, Амандманот од Доха, Амандманот од Кигали и Договорот од Париз[2]. Од друга страна, процесот на пристапување кон Европската Унија со цел усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и исполнување на обврските за ублажување на климатските промени резултираше со подготовка на Предлог Закон за климатска акција. На Република С. Македонија ѝ е потребна сеопфатна законска рамка, усогласена со климатското законодавство на ЕУ, со цел стратешко планирање и креирање перспективи до 2050 година и воспоставување на законска основа за утврдување на одговорностите на институциите.

Предложениот Закон за климатска акција има за цел да придонесе за ублажување на климатските промени и прилагодување на нивните ефекти, воспоставување на механизми за планирање на климатските политики, пропишување мерки со кои ќе се придонесе за намалување на емисиите на стакленички гасови за да се избегнат негативните ефекти, придонес кон зголемување на напорите за зајакнување на глобалниот одговор кон климатските промени (согласно долгорочната цел на Договорот од Париз за одржување на глобалниот пораст на температурата под 2°C во однос на прединдустриското ниво), обезбедување на правна сигурност на инвеститорите и искористување на можностите за економски развој, поттикнување на инвестиции, отварање на нови работни места и социјална кохезија. Дополнително, со Законот за климатска акција се предвидува воспоставување на Национален инвентар на стакленички гасови и Систем за известување за политики, мерки и проекции. Имено, Законот предвидува воспоставување на механизам за следење и известување кој ќе продуцира: економски влијанија - подготовка на државата за влез во идниот механизам за гранично управување со јаглерод и за тргување со емисии на стакленички гласови; фискални влијанија - директни импликации врз буџетот на Р. С. Македонија, заради нужноста од формирање на организациска единица за следење и известување; социјални влијанија - се отвора можност за нови вработувања преку креирање на нови професии.

Намалувањето на емисиите на стакленички гасови позитивно ќе влијае врз здравјето на луѓето и животната средина. Ќе се воспостави одржлив систем кој ќе може да одговори на барањата на ЕУ и меѓународните барања во однос на редовно и континуирано известување за емисиите на стакленички гасови, нивните проекции и акциите за адаптација. Со ова решение ќе се даде можност за постепено прилагодување на индустријата кон идните обврски за плаќање такси при извоз на производите на пазарите на ЕУ. Од друга страна пак, многу повеќе акцент се става на намалување на емисиите на стакленички гасови, отколку на потребата да се даде потемелна законска адаптација, бидејќи сме држава која многу лесно ги чуствува загубите и штетите од климатските промени. Немањето на адекватна реакција на системот, неформирањето на нова организациона структура со адекватен и стручен кадар и необезбедувањето на промена на систематизациите во сите надлежни органи се основните потенцијални ризици за поредокот.

Во Предлог Законот за климатска акција и Долгорочната стратегија за климатски промени се истакнува потребата од менување на законите и подзаконската регулатива, односно укинување на одредбите од Законот за животна средина со кои се уредуваат прашањата од областа на климатските промени. Покрај Законот за климатска акција, потребно е донесување на придружните подзаконски акти како што се: Правилник за мерките за намалување и стабилизирање на емисиите на фосилни горива, Правилник за принципите за следење и известување на емисиите на стационарни извори на емисии, Правилник за пресметка на емисиите и отстранување на стакленички гасови, и сл. Од друга страна, свесни сме дека во нашата држава, буџетот за животна средина најчесто страда, односно тој се крати при секој ребаланс на државниот буџет во последниве години. Кампањите за подигнување на свеста главно се финансираат од донатори со меѓународна помош. Исто така и националното учество во финансирање на проекти е енормно ниско бидејќи мора да се вклучат трошоци во многу сектори (инфраструктурата, биолошката разновидност, вода, енергија, шумарство и сл.), па се јавува неможност за следење поради законските и институционални ограничувања. Тоа е од причина што во државниот буџет се познати само алокациите за инвестиции и трошоци што се однесуваат на заштитата на климата.

Понатаму, Законот за климатска акција воведува и нова давачка - данок на јаглерод (еколошки данок), кој треба да е ефикасен начин за борба со климатските промени. Данокот на јаглерод се однесува на сите стационарни и мобилни извори каде што најголемиот извор е енергетскиот сектор, но и транспортот и загревањето со фосилни горива како нафта, мазут или јаглен. Граѓанските организации истакнуваат дека најважно е прашањето за моделот кој ќе се одбере за висината на надомест на јаглеродна такса. ЕУ веќе наложи дека од 2026 година ќе го воведе Механизмот за прилагодување на границите на јаглеродот ”СВАМ” (Carbon Border Adjustment Mechanism)[3], за надомест на јаглеродна такса. Се предвидува средствата од надомест за јаглерод да се уплаќаат во посебна финансиска програма на Министерството за животна средина. Со цел да се обезбеди најтраспарентно трошење на овие финансии потребно е формирање на Фонд за животна средина. Ова е одлична можност за финансирање на активностите за намалување на емисиите на стакленички гасови и со тоа подобрување на условите за живот на граѓаните. Законот за климатска акција предвидува Националниот комитет за климатски промени (НККП) да стане советодавен орган,  што ќе придонесе за интеграција на климатската акција во секторските политики, планови и мерки. Во НККП би биле претставени сите владини, образовни, научни институции и граѓански организации кои имаат за цел поддржување на климатската акција и тоа: Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за култура, здравство, транспорт и врски, образование, финансии, Центарот за управување со кризи, Државниот завод за статистика, Управата за хидрометеоролошки работи, итн. Со ова се воведува правна рамка за следење и известување за емисии на стакленички гасови во согласност со административните капацитети, но истовремено станува збор за формирање и на нови државни тела  со нови вработувања и професии. Ќе се формира и Национален совет за одржлив развој под раководство на Претседателот на Владата на Р. С. Македонија (меѓутоа не се дефинирани надлежностите, ингеренциите, обврските на ова тело како и начинот на неговото функционирање).      

Нашата држава ја очекува напорна борба против климатските промени. Од големо значење ќе биде донесувањето на Законот за климатска акција, кој се очекува да биде изгласан до крајот на годината. За да се спречат поголеми штети, загуба на биолошката разновидност и зголемување на негативните ефекти од климатските промени врз благосостојбата и здравјето на населението, потребно е издвојување на финансиски средства со кои ќе се овозможи зголемување на националните инвестиции за климата. Потребно е зајакнување на институционалните капацитети за инвентаризација на стакленички гасови, донесување на Методологија за климатско буџетирање со цел следење на климатските финансии, формирање на мрежа од практичари за климатски промени со цел спроведување на мониторинг известување и верификација на политиките и мерките за климатска акција. Транзицијата во образовниот сектор е исто така значајна за економијата базирана врз знаење и подготовка на младите за новите зелени технологии. Подигнување на јавната свест е значаен фактор во борбата против климатските промени, бидејќи јавноста треба да биде запознаена со нејзините негативни ефекти и начините на прилагодување кон нив. Потребно е унапредување на свеста и знаењето на сите општествени чинители, за да може заедно сплотени да придонесеме за здрав живот, чист воздух и зелена средина.


Автор: Верица Јаќимовиќ, директор во ELSA North Macedonia и дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ - Скопје



[1] Гасови кои придонесуваат за зголемување на „ефектот на стаклена градина“ кој влијае врз загревањето на планетата Земја кое настанало со пореметување на енергетската рамнотежа помеѓу количината на зрачење кое од Сонцето го прима и во вселената го зрачи Земјината површина.

[2] Парискиот договор бара сите земји да бидат дел од глобалните напори за постигнување на целта за ограничување на глобалното зголемување на температурите за 1.5 до 2°С. За таа цел, до средината на 21-от век, потребно е да се достигнат глобалните нула-нето емисии на стакленички гасови.

[3] Механизмот за прилагодување на границите на јаглеродот (CBAM) воведува царини за јаглерод со кои се тарифираат производи интензивни на јаглерод, како што се цемент и некои енергенси, увезени од страна на Европската Унија. CBAM беше усвоен од Европскиот парламент со 450 гласа за, 115 против и 55 воздржани. Правно гледано, овој механизам претставува составен дел од Европскиот зелен договор – тој ќе стапи на сила од 2026 година, додека обврската за известување започнува од 2023 година. 


No comments:

Post a Comment