June 8, 2023

Како Европската Унија ѝм помага на европските држави да се справат со енормната загаденост на воздухот



©EuropeanCommission


    Загаденоста на воздухот е еден од покомплексните проблеми со кои се соочуваат општествата. Во одредени европски градови овој проблем e повеќе, во други помалку изразен, но факт е дека ова не е само национално прашање, туку предизвик со кој целиот свет се соочува. Загадувањето на воздухот може да настане од природни причини или од човековото дејствие. Се разбира дека доминантни се причините од антропогено потекло, поради што фокусот на овој текст ќе биде ставен токму на овие причини. Како што ни е веќе познато, во оваа група причини спаѓаат: емисиите на гасови од сообраќајот на моторните возила, гасовите од индустриската активност, согорувањето на фосилни горива за греење, депониите на отворено, и сл. Според Европската агенција за заштита на животната средина, изразено во проценти, 44% од загаденоста на воздухот отпаѓа на согорувањето на цврсти горива за греење на згради, 37% од патниот собракај, 19% од земјоделието (прскањето на земјиштето) и 15% од индустријата.

Несомнено е дека штетните последици од енормната загаденост на воздухот се одразуваат на човековото здравје. Европските држави, за жал, малку подоцна го воочија проблемот со загаденоста на воздухот односно дури тогаш кога бројката на предвремени смртни случаи не ја надмина црвената граница. Смртта како последица од аерозагадувањето се случува во земјите во развој, но и во индустриски богатите држави. Според анализата на Европската агенција за заштита на животната средина, загадувањето на воздухот е главна причина за предвремена смрт во 41 европска држава, меѓу кои и 27-те членки на Европската Унија. Во 2015 година бројката се искачила на 420.000 предвремени смртни случаи кои што биле предизвикани од големата загаденост на воздухот. Загадувањето на воздухот е најголемиот убиец, додека пак некои студии сугерираат дека здравствените ефекти, вклучително и прераната смрт, може да се појават дури и при ниски нивоа на загаденост на воздухот. Денес речиси повеќе од 90% од светската популација живее на место каде воздухот не е безбеден за дишење. Во Р. С. Македонија, пак, речиси 20 отсто од смртните случаи се поврзани со аерозагадувањето. Ова го покажала анализата на Институтот за јавно здравје насловена „Процена на здравствени ризици од аерозагадување со суспендирани честички“, на која работела доцент д-р Мирјана Димовска од овој институт. Во интервјуто со д-р Димовска за Мета.мк се истакнува дека, анализирано според возрасни групи, најголема смртност која може да се припише на загадениот воздух постои кај возрасната група од 65 до 75 години. Оваа категорија на лица се најпогодени од загадениот воздух и кај нас, но и во Европа. При услови на аерозагадување се зголемува стапката на општата смртност, но ефектот најмногу се гледа преку зголемување на смртноста од т.н. циркулаторни заболувања (кардиоваскуларни и цереброваскуларни заболувања).  Освен што загаденоста на воздухот го намалува животниот век, таа е причина и за проблемите со отежнато дишење, респираторни заболувања, срцеви заболувања, кожни иритации, итн. Таа штетно се одразува и на екосистемите – почвата, шумите, езерата и реките.

Европските држави треба да направат поголеми напори за подобрување на квалитетот на воздухот поради исклучително лошите последици од влијанието на загадениот воздух врз човековото здравје и околината. Токму поради ваквите последици, загаденоста на воздухот претставува еден од главните политички и правни проблеми на Европската Унија. Политиката на Европската Унија во оваа област постојано се стреми кон развивање и имплементирање на содветни инструменти за подобрување на квалитетот на воздухот во Европа, и пошироко. Во 2013 година од страна на Унијата беше донесен пакет мерки чија цел беше подобрување на квалитетот на воздухот во европските држави. Првата мерка која ЕУ ја упати кон државите членки, а и кон оние кои се на патот до членство во Унијата, се однесуваше на контрола на емисиите на гасови преку подобрување на квалитетот на горивата. Истата година беше ревидирана Директивата за воспоставување на шема за тргување со дозволени емисии на стакленички гасови и беше даден предлог за нова Директива за намалување на загаденоста на воздухот од средно ниво на согорување. Воедно, Европската Унија им предложи на европските држави постепено да забранат согорување на фосилни горива (јаглен, нафта) како најефективна и долгорочна стратегија за подобрување на квалитетот на воздухот. Следењето на новите технологии и нивната примена е исто така составен дел од политиките кои ги развива ЕУ.

Важен новитет во ова област е Европскиот зелен договор како еден од клучните приоритети на Европската Унија и кон кој се фокусирани политиките и активностите на Унијата за годините кои следат. Во октомври 2022 година, како дел од пакетот мерки кои произлегуваат од Европскиот зелен договор, Европската комисија подготви Предлог за измена на директивите за квалитет на амбиенталниот воздух. Предложените измени, првенствено, предвидуваат спојување на постојните две директиви за квалитет на амбиентниот воздух во една (Директива 2008/50/ЕЗ за квалитет на амбиенталниот воздух и почист воздух за Европа и Директива 2004/107/ЕЗ за арсен, кадмиум, жива, никел и полициклични ароматични јаглеводороди во амбиенталниот воздух), систематизирајќи ги и поедноставувајќи ги важечките правила. Покрај тоа, со нив: ЕУ се става на пат да постигне нула загаденост на воздухот до 2050 година, се предвидува редовен преглед на стандардите за квалитетот на воздухот – во согласност со најновите научни докази, и се подобрува постојната правна рамка преку обезбедување на поголема јасност за пристап до правда, надомест на штета, ефективни казни и подобри информации за квалитетот на воздухот кои ќе ѝ бидат достапни на јавноста.

Со оглед на тоа дека транспортот е еден од главните загадувачи на воздухот, Европската Унија во ова насока воведе одредени директиви и регулативи меѓу кои спаѓаат: Директивата за технички преглед за исправноста на комерцијалните возила, Регулативата за поставување стандарди за износи на емисии на јаглероден диоксид за нови патнички автомобили и нови лесни комерцијални возила, и многу други. Со овие директиви и регулативи се воведува режим на контрола на сулфурот, јаглеродниот диоксид и други штетни честици кои произлегуват од емисиите во собраќајот, понатаму, ограничување на брзината и воведување на зони на ниски емисии, како и најавени забрани за возила кои не ги исполнуваат нормите на ЕУ. Европската комисија предвиде дека во одредени држави потребна е корекција на законите поврзани со увозот на автомобили со ЕУРО 6 стандард, кој претставува надградување во однос на директивите за намалување на штетните гасови од возилата – имајќи предвид дека меѓу 10 и 18 отсто од сите возила во Европа немаат никаков заштитен издувен филтер. Европската Унија во делот на подобрување на квалитетот на воздухот дава препораки до националните влади да воведат бесплатен превоз за поголемиот број граѓани, како и изградба на велосипедски патеки, со дополнителна препорака националните влади да се стремат да го одржат постоечкиот растителен свет, но истиот и да го зголемат. Предноста од воведување на овие препораки, регулативи и директиви е тоа што постепено би се ставиле вон употреба автомобилите кои немаат никакви издувни филтри – што ќе доведе до намалување на штетните гасови, додека пак растителнот свет ќе помогне во филтрирање на штетните гасови, со што би се намалила изложеноста на човекот на прекумерната загаденост на воздухот.

Дополнително, аерозагадувањето во европските земји може да се намали преку замена на актуелните термоцентрали на јаглен и гас со централи на обновливи извори на енергија. Токму на овој дел се однесува Директивата за унапредување на употребата на енергија од обновливи извори. Оваа директива воспоставува заедничка рамка за промоција на енергијата од обновливи извори. Таа поставува обврзувачка цел за Унијата во поглед на целокупниот удел на енергија од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија во ЕУ. Предноста од воведување на новите правила е тоа што користењето на обновливите извори на енергија ќе придонесе за намалување на штетните гасови кои произлегуваат од согорувањето на јагленот во термоцентралите.

Се разбира, оваа комплексна проблематика во иднина треба да се надградува и да се развива преку имплементација на директивите, регулативите и препораките на ЕУ. За да се добијат посакуваните резултати, потребно е фондовите на Европската Унија за овие намени да станат достапни за што е можно поголем број на држави, како и зајакнување на соработката со националните, локалните и европските влади. Тие треба цврсто да опстојат на целите за намалување на емисиите од штетни гасови и намалување на изложеноста на луѓето на загаден воздух. Исто така, треба да се стави крај на екстрактивниот и експлоататорски однос кон природата, да не се носат одлуки засновани на профит и да не се дозволи големите корпорации да влијаат врз политиките кои се водат. Воедно, треба да се престане со експлоатирањето на земјите од Глобалниот Југ, да се обезбеди „место на масата“ за сите засегнати, и да се пренасочат инвестициите кон развој на етички и одржливи технологии во секторите на енергија, транспорт и домување. Сето ова е потребно да се имплементира во закони за подобрување на квалитетот на воздухот, кои, се разбира, не треба да останат само на хартија, туку и да се спроведат, што во најголем дел би се остварило преку надзор и контрола над нивното спроведување.

 

автор: Елизабета Ристова, студент на втора година правни студии, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје

No comments:

Post a Comment