![]() |
www.giki.earth |
Клучниот бенефит од примената на овие алатки лежи во нивната способност да ги идентификуваат и квантитативно да ги прикажат најзначајните извори на еколошко влијание. Со примената на принципот на значајност ("materiality principle") и развојот на еколошки профили ("development of an environmental profile"), компаниите и владите добиваат алатка за носење на информирани и одржливи одлуки. Дополнително, Препораката 2021/2279 овозможува усогласување со меѓународни стандарди (ISO, GHG Protocol) што ја зголемува довербата на глобалниот пазар. Она што ја прави Препораката особено значајна е нејзиниот обврзувачки карактер за јавните институции, додека таа истовремено останува поттик за доброволна примена во приватниот сектор. Според неа, земјите членки треба да ги интегрираат методологиите во националните политики и да обезбедат поддршка за мали и средни претпријатија; индустриските здруженија имаат задача да ја промовираат примената кај своите членки; а компаниите се повикани да го користат овој систем за подобрување на процесите и комуникацијата со пазарот.
Исто така, Препораката 2021/2279 отвора врата за воведување на нови индикатори како биодиверзитет и употреба на земјиште, со што се проширува еколошката рамка со холистички пристап што го вклучува и општествениот и економскиот контекст. Особено е важен елементот на транспарентност — секоја PEF или OEF студија мора да биде верифицирана и јавно достапна, што значително го зголемува кредибилитетот на „зелените тврдења“ (green claims) кои претставуваат изјави или маркетиншки пораки од компании кои укажуваат дека нивните производи, услуги или практики имаат позитивно или помалку штетно влијание врз животната средина. Зелени тврдења се, на пример, сите изрази како „еко-пријателски“, „одржлив“, „биоразградлив“, „со намален јаглероден отпечаток“, кои треба да бидат вистинити, проверливи и транспарентни, за да не ги доведуваат во заблуда потрошувачите и да не претставуваат „greenwashing“.
Меѓутоа, во рамките на оваа поширока визија за еколошка одржливост, еден важен сектор долго време остануваше во сенка: дигиталната индустрија. И покрај тоа што е двигател на модерниот развој, дигиталниот сектор — преку употребата на дата центри, стриминг услуги, блокчејн и вештачка интелигенција — создава значителни емисии на стакленички гасови. Според податоци објавени на официјалниот сајт на Европската комисија, дигиталните технологии во моментов се одговорни за помеѓу 2% и 4% од глобалните емисии на стакленички гасови. Оваа проценка вклучува емисии од дата центри, стриминг услуги, блокчејн технологии и вештачка интелигенција. Иако овие проценти изгледаат мали, тие претставуваат значителни апсолутни бројки, што укажува на потребата од намалување на еколошкиот отпечаток на дигиталниот сектор.
Дополнително, Европската комисија истакнува дека дигиталните технологии моментално се одговорни за помеѓу 5% и 9% од глобалната потрошувачка на електрична енергија. Оваа потрошувачка се очекува да расте со зголемената употреба на блокчејн, интернет алатки (IoT), платформи, пребарувачи и виртуелна реалност. Затоа, потребно е да се гарантира дека дигиталните технологии не трошат повеќе енергија отколку што заштедуваат. Во таа насока, ЕУ ја презема иницијативата за носење на дополнителна регулатива (дел од ревидираната Директива за енергетска ефикасност) што има за цел да го направи дигиталниот сектор поодржлив. Регулативата предвидува мерење и објавување на дигиталната еколошка трага на големите платформи и дата центри, поставување на еколошки стандарди, воведување на „еко-маркирање“ на дигитални услуги, како и финансиска поддршка за зелени ИТ иновации преку програми како Horizon Europe.
Со овие мерки, ЕУ не само што ги обврзува дигиталните актери да станат одговорни за своето влијание врз животната средина, туку и го едуцира потрошувачот. Корисниците ќе знаат колку CO₂ емитира нивната дигитална активност, а тоа може да доведе до посвесно користење на услуги и избор на поодржливи алтернативи. Политички гледано, споменатата регулатива добива силна поддршка од европските социјалдемократи и Зелените, додека либералите бараат повеќе простор за иновации. Од друга страна, конзервативците и десничарите ја критикуваат мерката како ограничување на технолошката автономија. Сепак, како што покажа успехот на Регулативата GDPR односно General Data Protection Regulation, Европската унија има капацитет не само да воспостави внатрешни стандарди, туку и да ги наметне на глобално ниво.
Во заклучок, Препораката 2021/2279, во комбинација со новата регулатива за дигитална еколошка трага, ја поставува ЕУ како лидер во изградба на фер, иновативна и одржлива економија. Во време кога климатските промени бараат итна и интегрирана акција, овие документи не се само административни алатки — тие се визија за иднината во која економскиот просперитет оди рака под рака со заштитата на планетата.
автор: Бранислав Максимовски, студент на втора година правни студии, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје
No comments:
Post a Comment