May 22, 2021

(РСМ) Примена на Архуската Конвенција за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правда за прашања поврзани со животната средина (2)


Студија на случаи од Полошкиот регион


    Целта на Архуската Конвенција[1] (во понатамошниот текст: Конвенцијата), дефининирана во Член 1, претставува придонесот кон заштитата на правото на секој поединец од сегашните и идните генерации, да живее во животна средина што е соодветна за неговото здравје и добросостојба, при што секоја договорна Страна ќе ги гарантира правата на пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето, и на пристап до правда за прашањата поврзани со заштитата на животната средина. Спроведувањето на Конвенцијата може да го согледаме преку анализа на нејзината примена во досегашната практика на централните и локалните власти во нашата држава. Во продолжение ќе бидат обработени два примери од Полошкиот регион на (не)соодветна примена на неколку членови од Конвенцијата.


Случај: Депонија Русино

Еден од многуте извори на еколошки закани е недостатокот на соодветни локации за депонирање на отпад. Полошкиот регион се соочува со една значајна закана, која е резултат на слабата и неорганизирана инфраструктура на локалните власти, како и недоволните капацитети на јавното комунално претпријатие.

Дивата депонија Русино се наоѓа во близина на Гостивар, во Бањичкото Поле, каде тече Сушичка Река која го напојува Бањичко Поле и се влева во реката Вардар. Станува збор за место каде се одложува отпад од девет општини од Полошкиот регион во количина приближно од 120.000-140.000 тони дневно, кој воедно и честопати се пали, а настанатите еколошки последици се протегаат низ Гостивар и околината. Како одговор на ова, засегнатото население формира граѓанска иницијатива „Стоп Русино“ и Движење „Стоп за депонија Русино!Чист воздух за Гостивар!“. Станува збор за активни и посветени иницијативи кои непрекинато се борат за своето право на живот во животна средина што е соодветна за нивното здравје и добросостојба.[2]

Со цел спречување, превенција и решавање на овој проблем, до општината Гостивар биле доставени барања за затворање и санирање на депонијата во рок од најмногу 5 години, како и наоѓање нова локација за депонија по сите стандарди и прописи. Претставници на Иницијативата одржувале и средби со министерот за животна средина и просторно планирање и градоначалниците од Полошкиот регион, каде било ветено исполнување на барањата на граѓаните.[3] Граѓаните стравувале дека депонијата ќе се легализира и ќе продолжи да постои и понатаму како ризична точка за воздухот и животната средина.

За проблемот со депонијата граѓаните се имале обратено до општината Гостивар, повикувајќи се на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер[4]. По долг временски период, добиле одговор дека Планот за управување со отпад за општина Гостивар[5] е во фаза на изработка. Исто така, на барањето да се достават записници од инспекциски надзор и контроли на депонијата Русино за несоодветно одложување и третман на отпад (особено опасен отпад), пропишани со Законот за заштита на животна средина[6], Законот за управување со отпад[7] и соодветните правилници, од општината одговариле дека таков надзор нема поради спорниот статус на депонијата. Од таму тврделе дека во фаза на формирање е регионално претпријатие за управување со отпад во Полошкиот плански регион, а предложена е и локација на новата депонија (во Тетовското село Боговиње).

Во случајов станува збор за директна закана по здравјето на луѓето при што реакцијата на граѓаните јасно ни зборува за фактот дека тие не биле навремено инволвирани во процесот на носењето одлуки поврзани со депонијата, што претставува повреда на членот 6 од Архуската Конвенција. Според овој член, засегнатата јавност треба да биде информирана, со јавно известување или поединечно, на почетокот од процедурата на одлучувањето по прашањата на полето на животната средина и исто така, на јавноста треба да ѝ се даде можност ефикасно да се вклучи во текот на донесувањето на одлуките. Истото не било применето во овој случај. Во подоцнежната фаза граѓаните биле вклучени во процесот, но, и покрај тоа што нивните предлози и барања биле формално земени предвид, во пракса истите не резултирале со голем успех, што претставува повреда на став 8 од членот 6 од Конвенцијата (соодветно земање предвид на резултатот од учеството на јавноста).

Сепак, подоцна, во мај 2021 година, со изгласување на Регионалниот план за управување со отпад, барањата на засегнатите граѓани биле земени во предвид и внесени во планот. Спроведувањето на овој план е во тек, па оттаму, се уште не располагаме со информации за неговата реализација во пракса, кои би ни дале јасна слика за исполнувањето на целите на Планот.

За крај, може да воочиме повреда и во делот каде граѓаните побарале од надлежните власти информации кои нив директно ги засегаат, а за возврат добиле ненавремени и некомплетни информации, што е спротивно на членот 4 – пристап до информации за животната средина.


Случај: Општина Тетово

Уште еден пример на повреда на Конвенцијата може да воочиме во делот на достапноста на информациите за животната средина во Општина Тетово. Имено, акти кои се достапни за граѓаните се следниве:
- Регионален план за управување со отпад во Полошкиот регион (дел 3.6.1 – Односи со јавноста и информации)
- „Тетово Еко Извештај“ кој предвидува можност за пријавување несовесни однесувања на физички и правни лица што со своите постапки ја загадуваат животната средина.

Од друга страна, акти кои согласно членот 5 од Конвенцијата би требало да се објавени и достапни, но не се, се следниве:
- тековни информации за активности од областа на животната средина (има, но истите се недоволни);
- локални еколошки акциски планови (нивното донесување е обврска и согласно членот 60, став 2 од Законот за животната средина);
- студии за оцена на влијанието на проекти врз животната средина;
- податоци од следење активности што влијаат врз животната средина;
- меѓународни акти од областа на животната средина.

Следната повреда која може да ја воочиме се однесува на став 2 од членот 5. Имено, начинот на којшто јавните власти на јавноста ѝ ги ставаат на располагање информациите за животната средина треба да биде транспарентен, а самите информации ефикасно расополжливи. Истата обврска произлегува и е доразработена во дел 3.6.1 од гореспоменатиот Регионален план за управување со отпад во Полошкиот регион. Но, доколку ја погледнеме веб страната на Општина Тетово[8] (и другите релевантни сајтови), јасно може да се увиди проблемот со пристапноста до податоците. Недоволните информациии кои се достапни, ниту се унифицирани, ниту се доволно организирани. Исто така, недостасуваат пречистени верзии на релевантните акти и онлајн пребарувачите во голем дел не се функционални, а различните документи често се наоѓаат и во различни секции на веб-страниците.

Заклучок

Она што може да го заклучиме е дека постои недоволна и нецелосна примена на Архуската Конвенција. Од релевантните јавни власти во Полошкиот регион е потребен многу повнимателен, потранспарентен и посериозен пристап кон прашањата поврзани со заштитата на животната средина. Правилната примена на Конвенцијата би опфаќала организирање на ефективни партиципативни процеси - јавни расправи, ревизии, фокус групи, работилници и увиди, понатаму, обезбедување функционални и достапни веб страни за лесен пристап до информациите, и, се разбира, ефективен пристап до правда.



автор: Луција Чукеловска, студентка на мастер студиите по Меѓународно право, меѓународни односи и право на ЕУ, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје


---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
[1] Обединети Нации: Економски и социјален совет, "Конвенција за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правда за прашања поврзани со животната средина", 1998.
[2] Покрај поднесените барања и приговори, во изминатите две години тие имаат организирано неколку протести и блокада на камионите кои носат отпад до регионалната депонија.
[3] Истражување на Центар за истражувачко новинарство „СКУП Македонија“.
[4] Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на РСМ“ бр.101/2019),
[5] Службен гласник на Општина Гостивар;
Советот на Општина Гостивар на 09.05.2021 година го изгласа Регионалниот план за управување со отпад, предложен од Меѓуопштинскиот совет за управување со отпад за Полошкиот регион. На дискусијата на седницата на Советот, претставниците кои го изготвија Планот нагласија дека тој се базира на разговорите меѓу општините и иницијативата „Стоп Русино” и истиот бил на разгледување и одобрување од Министерството за просторно планирање и животна средина. Според најавите, Планот треба да се спроведе во три фази. До 15 мај 2021 година, депонијата треба да има регулиран влез, вага за мерење на камионите со отпад, контрола на отпадот, а забрането ќе биде депонирање на медицински отпад. Посебна мерка ќе биде заштита од палење на сметот, што треба да го спроведе новоформираното јавно претпријатие „Русино-Полог”.
[6] Закон за животната средина („Службен весник на РСМ“ бр. 99/2018).
[7] Закон за управување со отпад („Службен весник на РСМ“ бр. 68/2004).
[8] https://www.tetova.gov.mk/default.aspx?lan=2

No comments:

Post a Comment