June 13, 2021

Стратешки тужби против учество на јавноста (SLAPP) за прашања поврзани со животната средина – закана за демократијата и човековите права

 

https://www.coe.int/en/web/commissioner/-/time-to-take-action-against-slapps

Што се SLAPP (Strategic Lawsuits Against Public Participation)?

Овој термин се однесува на стратешки тужби покренати за да го спречат или отежнат учеството на јавноста, односно да замолчат или заплашат поединци или организации вклучени во активности од јавен интерес – кампањи, застапување, известување, итн. Овие судски процеси се иницирани најчесто од компании или бизнис- и политички моќници. Нивна мета се активисти, невладини организации, истражувачки новинари, научници и академици, како и останати граѓани кои укажале на постоење на штетни и незаконски активности, или пак изразиле критички став за прашања од политичко или општествено значење.[1]

Иако најчесто се насочени кон новинари и медиуми, нивната употреба се среќава и кога станува збор за активисти, невладини организации и академици кои јавно зборуваат за политиките и активностите кои го загрозуваат јавниот интерес.[2] Имено, во различни држави-членки на ЕУ, новинари, активисти, академици и граѓански организации се соочуваат со „конструирани“ правни закани или монтирани судски процеси чија главна цел е тие да бидат замолчени.[3]

Една од основните карактеристики на SLAPP е огромната нерамнотежа помеѓу моќта и ресурсите на инволвираните страни. [4] Нееднаквоста во моќта и ресурсите и агресивната злоупотреба на диспаритетот меѓу моќта и ресурсите е основна карактеристика на многу случаи на SLAPP.[5] На тој начин, целта на SLAPP е да ги замолчат критичарите на одредени процеси и активности, но истовремено и да ги оптоварат и исцрпат финансиски.[6] Тужителите во SLAPP честопати бараат отштета која е несразмерна на однесувањето на кое се однесува тужбата – како на пример, барање за претерано висока компензација која би можела финансиски да ги уништи таргетираните лица.[7]

Воглавно, SLAPP се спроведуваат преку националните закони за клевета и навреда на углед, како и законите за приватност и заштита на податоците.[8] Тие можат да бидат во форма на граѓанска или кривична тужба.[9] Во 2017 година, во Италија беа поднесени над 9000 кривични тужби за клевета, од кои за повеќето се сметаше дека се SLAPP, додека пак Хрватска бележи над 900 отворени случаи против новинари.[10] SLAPP претставуваат директен напад врз слободата на говорот и најчесто вклучуваат тужби за клевета, на кои, во зависност од случајот, можат да се надоврзат тужбени барања за приватност и заштита на податоците, на тој начин овозможувајќи им на тужителите да го заобиколат повикувањето на одбрана на јавниот интерес при случаите на клевета.[11]

Конечно, кај SLAPP, самото иницирање на постапките или заканата со можноста од парница е поважно од извојуваната правна победа – имено, целта не е воспоставување на правда, туку оптоварување на критичарите.[12] На тој начин, самата можност за отпочување на SLAPP понекогаш би можела да има ефект на одвраќање, обесхрабрувајќи ги новинарите и активистите да истражуваат конкретни политичари или корпорации.[13]

 

SLAPP во доменот на заштитата на животната средина

Во врска со мерките кои треба да бидат преземени за да се гарантира заштита за лицата кои влијанието на јавноста го насочуваат кон незаконитите активности и практики во овој домен, од особена важност е членот 3, став 8 од Архуската Конвенција за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правда за прашања поврзани со животната средина. Согласно оваа одредба, секоја договорна страна на Конвенцијата е должна да се осигури дека лицата кои ги остваруваат своите права во согласност со нејзините одредби нема да бидат казнети, прогонувани или малтретирани на кој било начин заради нивното учество. Тука е во одреден степен пресликан т.н. принцип на заштита на свиркачите (whistle-blower protection principle), кои треба да бидат заштитени од одмазднички постапки.[14]

Во своите наоди во Комуникација ACCC/C/2009/36 (Шпанија), Архускиот Комитет за жалби (Compliance Committee) утврди дека поради јавна навреда на лице во локалниот печат и масовните медиуми во врска со неговата вклученост во активности со потенцијални негативни ефекти врз животната средина и здравјето на локалното население, јавните власти, а со тоа и засегнатата држава, не успеале да се усогласат со членот 3, став 8 од Конвенцијата.[15] Понатаму, во наодите во Комуникација ACCC/C/2008/27 (Велика Британија), Комитетот за жалби нотираше дека, иако оваа одредба не задира во овластувањата на националните судови да доделуваат разумни трошоци во судската постапка, сепак не е исклучено дека досудувањето на прекумерен износ на судски трошоци понекогаш самото претставува казна или вознемирување во смисла на членот 3, став 8.[16]

Упатството за механизмот за жалби на Архуската Конвенција (Guidance Document on the Aarhus Convention Compliance Mechanism)[17] ја гарантира доверливоста на информациите кои се споделуваат со Комитетот за жалби и предвидува дека, доколку лицето кое се обратило до ова тело е загрижено дека обзнанувањето на доставените информации може да резултира со негово, или казнување, прогонување или малтретирање на друго лице, тоа има право да побара да се чуваат во тајност тие информации, како и информациите за неговиот или нејзиниот идентитет.[18]

 

SLAPP во државите-членки на ЕУ

SLAPP веќе долго време претставуваат проблем за државите-членки на ЕУ,[19] но ова прашање се појави на политичката агенда на Брисел дури по убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција.[20] Во февруари 2018 година, група членови на Европскиот Парламент ја повика Европската Комисија да изготви законодавство против SLAPP.[21] По европските избори во 2019 година, друга група европратеници го обнови истиот повик во мај 2020 година.[22] Потпретседателката на Европската Комисија, Vera Jоurova сигнализираше дека ќе преземе мерки против SLAPP, истакнувајќи ја „директната релвантност“ на SLAPP за нејзиниот ресор („Вредности и транспарентност“) и ветувајќи дека ќе ја испита „можноста за ажурирање на ЕУ законодавството“.[23]  

SLAPP се сериозна закана за основните права кои ги уживаат поединците, особено слободата на говор и правото на протест, и имаат ерозивен ефект врз европските демократии. Нивната појава не е изолирана; таа е дел од поширокиот репертоар на методи за замолчување на критичките гласови (законски ограничувања за невладините организации, репресивни закони што го ограничуваат правото на протест), и има удел во поширокиот тренд на смалување на просторот на граѓанското општество.[24]

Во време кога не постои посебна законска регулатива за борба против SLAPP во ниту една држава на ЕУ, пакет силни законодавни мерки и финансирање за поддршка на жртвите на SLAPP би испратиле силна политичка порака дека ЕУ е подготвена да застане во одбрана на своите граѓани и да ги заштити нивните основни права.[25] Додека во САД овие случаи се забележуваат првенствено меѓу приватно-правните субјекти, SLAPP случаите анализирани во ЕУ покажуваат дека владејачките партии, владите и владините функционери исто така не се срамат да прибегнуваат кон вакви мерки.[26] Важно е во планирањето на законодавниот одговор на ЕУ кон штетното влијание на SLAPP да бидат земени предвид специфичностите на правниот систем на Унијата, како и оние на правните системи на државите-членки.[27] Правно обврзувачкиот одговор на SLAPP на ниво на Унијата би можел да може да има форма на директива против SLAPP со која ќе се усогласат националните заштитни мерки против SLAPP.[28] 

Greenpeace предложија воведување на пропорционални мерки на одвраќање на национално ниво, како и систем на казни за поведување одмазнички и неосновани судски спорови.[29] Во таа смисла, би било потребно ставање на располагање средства за поддршка на жртвите на SLAPP, особено со цел покривање на трошоците за правна одбрана на жртвите.[30] Исто така, подеднакво важно е адвокатските здруженија во Европа внимателно да следат дали адвокатите и адвокатските фирми ги почитуваат границите на професионалната етика при нивното вклучување во SLAPP-тип на постапки, и да ги применуваат кодексите на однесување против злоупотреба на правните постапки.[31]


автор: проф. д-р Илина Ценевска, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје


[1] Види Greenpeace Report, ‘Sued into Silence: How the rich and powerful use legal tactics to shut critics up’ (July 2020), стр.9;
(https://www.greenpeace.org/static/planet4-eu-unit-stateless/2020/07/20200722-SLAPPs-Sued-into-Silence.pdf).
[2] Ibid., стр.5.
[3] Ibid.
[4] S. Verza, ‘SLAPP: the background of Strategic Lawsuits Against Public Participation’ (2018) 31 July (https://www.ecpmf.eu/slapp-the-background-of-strategic-lawsuits-against-publicparticipation/).
[5] Greenpeace Report, стр.12.
[6] Ibid., стр.9.
[7] Ibid., стр.11.
[8] Ibid., стр.5.
[9] Ibid., стр.6.
[10] Index on Censorship: ‘A gathering storm: the laws being used to silence the media’ (2020),
ttps://www.indexoncensorship.org/wp-content/uploads/2020/06/a-gathering-storm.pdf; Види Greenpeace Report, стр.13.
[11] Ibid.; Види Greenpeace Report, стр.13.
[12] Види Greenpeace Report, стр.10.
[13] Види Greenpeace Report, стр.10.
[14] UNECE, Aarhus Convention: An Implementation Guide, стр.71
(https://unece.org/DAM/env/pp/Publications/Aarhus_Implementation_Guide_interactive_eng.pdf);
[15] ECE/MP.PP/C.1/2010/4/Add.2, пара. 64.
[16] Види ECE/MP.PP/C.1/2010/6/Add.2, пара. 47; ECE/MP.PP/C.1/2010/6/Add.1, пара. 53.
[17] http://www.unece.org/fileadmin/DAM/env/pp/compliance/CC_GuidanceDocument.pd
[18] Aarhus Convention: An Implementation Guide, стр.72.
[19] За подетален преглед на случаите на SLAPP во различни држави-членки, види Greenpeace Report, ‘Sued into Silence: How the rich and powerful use legal tactics to shut critics up’ (July 2020), стр.26-28.
[20] Новинарката Дафне Каруана Галисија се соочуваше со повеќе од 40 граѓански и кривични тужби за клевета од бизнисмени и политичари (види Greenpeace Report, стр.18,20).
[21] D. Casa et al., ‘Letter to Vice-President Timmermans’, (2019) 19 February,
(https://www. eppgroup.eu/sites/default/files/pr_attachment/Timmermans%20Letter_SLAPP.pdf).
[22] Greenpeace Report, стр.18.
[23] European Parliament, Vera Jourova hearing, (2019) 25 September (https://www.europarl. europa.eu/news/en/headlines/priorities/commission-hearings-2019/20190910STO60712/ vera-jourova-czech-republic).
[24] Види Greenpeace Report, стр.36.
[25] Ibid.
[26] P. Bárd et al., EU-Citzen: Academic Network on European Citizenship Rights: SLAPP in the EU context, May 2020, стр.5;
(https://ec.europa.eu/info/sites/default/files/ad-hoc-literature-review-analysis-key-elements-slapp_en.pdf)
[27] Ibid.
[28] Види Greenpeace Report, стр.37.
[29] Ibid.
[30] Види Greenpeace Report, стр.38.
[31] Ibid.

No comments:

Post a Comment