December 21, 2021

Правото на пристап до енергија и енергетската криза

  

                                                    © PEi Power Engineering International


    Развојот на општествата, зголемувањето на човековата популација, како и процесот на глобализација, неминовно ја зголеми и потребата од пристап до енергија. Пристапот до современи енергетски услуги е предуслов за надминување на сиромаштијата и почитување на основните човекови права. Постојат истражувања кои покажуваат позитивна корелација помеѓу стапката на нето потрошувачката на енергија на земјите и рангот на нивниот индекс на човековиот развој (ИЧР), потврдувајќи дека варијаблите на ИЧР се позитивни поради влијанието на зголементата достапност на енергија. Недостатокот или тешкотиите во пристап до модерните енергетски услуги од страна на домаќинствата се нарекува „енергетска сиромаштија“, и се однесува особено на пристапот до електрична енергија. Имено, голем број на недоволно развиени општества сè уште имаат проблеми да пристапат до електрична мрежа иако правото на соодветен животен стандард како основно човеково право подразбира и право на пристап до (електрична) енергија. Сепак, ниту една меѓународна декларација или резолуција не го споменува пристапот до (електрична) енергија како човеково право. Единствениот меѓународен договор што експлицитно ја споменува електричната енергија е Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените. Конвенцијата прецизира дека жените треба да имаат соодветни услови за живот, вклучително и пристап до електрична енергија и вода.

    Кога се вели „право на пристап до електрична енергија” се мисли на социјалниот стандард дека сите луѓе имаат право на пристап до електрична енергија без оглед на способноста за материјално подмирување на трошоците. Ова право ги поттикнува програмите за универзална електрификација со децении и е особено значајно за земјите во развој. До скоро, како најосновни потреби за достоинствен живот се сметаа пристапот до храна и засолниште, но во повеќето земји во развој, како Индија и Боливија, во законодавството се вметнува и правото на пристап до електрична енергија. Доколку електричната енергија се гледа како универзално право, а не како приватно добро, тогаш заклучуваме дека секоја година ќе има потреба од производство на сè поголемо количество на енергија, како резултат на зголемената побарувачка поради растот на светската популација. Прашањето е дали потребното или планираното количество на енергија ќе може да се произведе за сите да имаат пристап до енергија, и дополнително, дали потребното количество ќе може да се добие од чисти и незагадувачки извори, во согласност со Целите за одржлив развој на ОН и правото на здрава животна средина?


Целите за одржлив развој на ОН и обновливите извори на енергија


        Организацијата на Обединетите нации, помеѓу Целите за одржлив развој до 2030 година, под број 7 ја постави целта да се постигне универзален пристап до енергија насекаде низ светот. Електрификацијата е опишана како неопходен чекор за постигнување на други цели, вклучувајќи ги и целите за искоренување на сиромаштијата, подобрување на образованието, создавање економски можности и зајакнување на положбата на жените. Конкретно, Целта број 7 гласи: „Достапна и чиста енергија. Oбезбедување пристап до достапна, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите.”  Во самата цел се вклучени точки за исполнување на оваа општа и главна цел, дел од кои се поврзани со обновливите извори на енергија. Имено, за постигнување на целта потребно е да се развие и зголеми глобалниот процент на обновлива енергија, двојно да се зголеми енергетската ефикасност, да се промовира пристапот до нови истражувања, технологии и инвестиции во чиста енергија и да се прошират и подобрат енергетските услуги за земјите во развој. Причините зошто многу земји во развој немаат пристап до современи енергетски услуги не се секогаш јасно идентификувани – се претпоставува дека се истите оние кои традиционално го спречуваат или го забавуваат технолошкиот напредок: недостатокот на технолошко знаење, недостатокот на инфраструктура и неможноста да се финансираат нови проекти.    

    Целите за одржлив развој се секако присутни и во С. Македонија. Рамката за соработка за одржлив развој потпишана помеѓу Република С. Македонија и Обединетите нации за периодот 2021-2025 година е главен стратешки документ што ја утврдува работата на системот на Обединетите нации во С. Македонија. За да се остварат енергетските цели, но и поради климатските промени и потребата за заштита на животната средина, земјите, вклучувајќи ја и С. Македонија, се свртија кон развој на нови технологии и инвестирање во проекти за произвoдство на енергија од природно обновливи ресурси – т.н. „чиста енергија”. Се донесе и нов Закон за стратешки инвестиции со кој ќе се олесни патот за нови инвестиции и проекти од исклучително значење за државата, кои ќе бидат усогласени со стандардите за животна средина, особено во енергетскиот сектор и обновливите извори.         


Енергетската криза и нејзиното влијание врз чистата енергија


        Во текот на оваа година, освен соочувањето со пандемијата, светот се соочи и со една нова, досега најголема, енергетска криза. Глобалната ситуација моментално е рекордно висока цена на природниот гас и трократно зголемување на цената на јагленот. Кризата ги поскапе и „зелените кредити“ што мора да ги купуваат производителите и снабдувачите со електрична енергија кои емитираат стакленички гасови во атмосферата. Просечната цена на струјата на берзата HUPX (Hugarian Power Exchange - за земјите од Балканот ), од  50 евра по мегават-час во февруари оваа година, порасна на 230 евра по мегават-час во декември, што значи огромни загуби за оние земји кои немаат доволно домашно производство на енергија и кои мораат да купуваат струја на берза. Освен што овогодишните божиќни празници ќе бидат помалку накитени од претходните години, за голем број домаќинства ова ќе значи тешка, долга и студена зима. 

    Иако на настанокот на енергетската криза влијаат повеќе фактори, една од причините се токму обновливите извори на енергија. Производството од обновливи извори оваа година во Европа беше видно помало од планираниот производствен капацитет на постројките, со што се утврди токму непостојаноста на произведеното количeство на енергија од овие извори. Иако овие извори се во согласност со правото на здрава животна средина, зелената политика и Парискиот климатски договор, сепак, се ставија под знак прашалник комодитетите на кои се навикнати модерните развиени општества, односно правото на пристап до енергија. Се увиде дека сè уште не можеме да се потпреме само на изворите на обновлива енергија, извори кои немаат континуирано исто производство, како основни извори на електрична енергија.


Актуелните енергетски предизвици кај нас


        Секако, светската енергетска криза не ја заобиколи нашата држава. Владата на Република С. Македонија прогласи енергетска кризна состојба на 09.11.2021 година, во времетраење од 30 дена, додека пак на 01.12.2021 година, Владата ја продолжи енергетската кризна состојба за уште 6 месеци. Оваа одлука е донесена за утврдување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, поради недостиг на електрична енергија на домашниот пазар предизвикан од повремени испади на поголеми производствени капацитети, недостиг на енергенси за производство на електрична енергија и неможност испадот да се покрие со расположливата резерва во производство на електрична енергија, кои, пак, можат да доведат до недостаток на електрична енергија или нарушување на стабилноста на електроенергетскиот систем во Република С. Македонија. Прогласената криза ќе значи огромен јавен долг на државата, постепено, но експоненцијално поскапување на струјата, и одредени евентуални ограничувања во однос на јавното осветлување – како на пример, исклучување на светлечките реклами, намалување на осветлувањето на улиците, плоштадите и излозите и забрана за додатно загревање на деловните и службените простории.

    С. Македонија и со нејзиниот полн капацитет на производство на енергија зависи многу од увозот. Пред извесно време се најавуваше затворање на РЕК Битола како мерка за заштита на животната средина. Сепак, јасно е дека тоа нема да се случи набрзо поради тоа што нема доволно проекти за производство на енергија од обновливи извори со кои би се заменила енергијата добиенa од оние комбинати што произведуваат стакленички гасови. Иако во Европа повторно беа вклучени дел од комбинатите кои работат на јаглен и други фосилни горива, со цел справување со енергетската криза, Европската Унија сепак настојува кон исполнување на целите од Парискиот договор – намалување на стакленичките гасови и развој на обновливата енергија. Пандемијата за кратко време ги намали стакленичките и другите издувни гасови, но економската и енергетската криза којашто следеше, за кратко време, не само што ги врати, туку и ги зголеми емисиите на овие гасови.   

    Дел од застапувачите на зелената политика во ЕУ почнаа да се спротиставуваат на изградбата на нови хидроелектрани низ Европа, сега сметајќи ги за загрозувачи на животната средина. Иако до скоро се сметаа за еден од најефикасните извори на обновлива енергија, сега пак, се зајакнува кампања која го пропагира спротивното и која ги засилува заложбите за развивање на проектите за фотонапонски електрани и ветерни паркови. Некои од причините поради кои хидроелектраните се сметаат за загрозувачи на животната средина се: менување на текот на реките, загадување на водите, градење вон прописите, загрозување на живите видови во реките и сл. Но, голем дел од овие проблеми можат да се спречат доколку се постави навремен и соодветен надзор и се направи адекватна физибилити студија.   Доколку се гледа од аспект на заштита на животната средина или пак заштитата и на други човекови права, може да се напомене и фактот дека фотонапонските електрани се често поставени на огромни хектари земјиште кое може да се искористи како плодно земјоделско земјиште или пак е земјиште од кое зависи локалното население, додека пак опремата која се користи за изградба на ветерници, на пример, е тешко разградлива и содржи опасни материи кои би претставувале опасност по животната средина и здравјето на човекот.

        Оттука, се поставува прашањето дали навистина овие зелени политики и меѓународни насоки за заштита на животната средина се рационални, ефективни и навистина научно потковани, или пак се одлуки базирани на политика и бизнис? Зошто се става акцент на одредени прашања поврзани со екологијата и човековите права, а пак се занемаруваат други и се губи конзистентноста на ставовите? Човекот не може да живее на оваа планета без да остави некаков отпечаток (footprint), во секоја смисла на зборот, поради што таа ќе продолжи да се соочува со тешки предизвици во наредните децении. Исто така, актуелната криза нè научи дека недостиг на домашно производство и вложување во домашен капацитет, како и недостиг на јасни и прецизни стратегии за развој на енергетскиот сектор, може да доведе до погрешно насочување или погрешно толкување на насоките, како и до избрзани и опасни одлуки во однос на важни стратешки прашања за државите. 

 

Автор: м-р Дена Крстеска, магистер по право од областа Меѓународно право и односи и право на ЕУ

No comments:

Post a Comment