November 26, 2021

Заштита на животната средина преку механизмите за човекови права (2)

Европскиот систем за заштита на човековите права

    Изминатата деценија кај активистите и организациите за заштита на животна средина се вроди тенденција да го користат Европскиот систем за заштита на човековите права за да помогнат во справувањето со еколошките проблеми. Бројни меѓународно правни стандарди развиени од Советот на Европа - особено засметувајќи ги и Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), Европската социјална повелба и Бернската конвенција за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта – редовно и успешно се повикувани пред судовите во прашањата за заштита на животната средина.

Европскиот суд за човекови права досега има одлучено по околу 300 случаи поврзани со животната средина, применувајќи концепти како што се правото на живот, слободата на говорот и семејниот живот за третирање на широк спектар прашања и проблеми од областа, вклучувајќи загадување, вештачки или природни катастрофи и пристап до информации за животната средина. Европската конвенција за човекови права исто така е често користена од активисти на национално ниво со цел да ги охрабрат владите да преземат соодветни чекори и политики за справување со климатските промени и деградацијата на животната средина.

Меѓутоа и покрај очигледната погодност на овој инструмент за заштитата на животната средина, се уште не постои загарантирано материјално право на здрава животна средина во рамки на основната Конвенција. Разбирајќи ја неопходноста од таков правен основ, сукцесивните претседателства на Советот на Европа и разни други тела на организацијата, повикаа дополнително да се зајакнат постојните правни алатки со цел да им се помогне на европските држави да се справат со значителните еколошки предизвици со кои се соочуваме сите.


Нов протокол кон ЕКЧП за заштита на животната средина

    Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на неговата седница на 29 септември 2021 година, повика на амбициозна нова правна рамка, како на национално, така и на европско ниво, за да се воспостави „правото на безбедна, чиста, здрава и одржлива животна средина“ и за таа цел претстави нацрт на дополнителен протокол кон Европската конвенција за човекови права што ќе го направи таквото право извршно со закон во сите земји што би го ратификувале.

Во резолуцијата и препораката базирана на извештајот на Симон Муткин, Собранието рече дека таков правен текст конечно ќе му даде на Европскиот суд за човекови права „неспорна основа за донесување пресуди за прекршувањата на човековите права кои произлегуваат од негативните влијанија поврзани со животната средина врз здравјето, достоинството и животот на луѓето “. Собранието посочи дека околу половина од земјите во светот го признале таквото „право на здрава животна средина“ во своите устави, вклучително и 32 од земјите-членки на Советот на Европа. Дополнителен аргумент изразен во прилог на усвојувањето на ваквиот протокол е фактот што Европа е единствен регион кој нема усвоено регионален договор признавајќи го ова право. За разлика од сликата во европскиот систем на заштита, останатите регионални договори кои ги штитат човековите права го имаат предвидено ова право.

За илустрација, член 24 од Африканската повелба за правата на човекот и народите од 1981 година, предвидува дека:

“Сите народи ќе имаат право на општо задоволителна животна средина поволна за нивниот развој. 

Понатаму, член 11 став 1 и 2 од дополнителниот протокол на Американската конвенција за човекови права („Протоколот од Сан Салвадор“), го гарантира правото на здрава животна средина и притоа вели:

“1. Секој има право да живее во здрава животна средина и да има пристап до основните јавни услуги.

2. Државите членки промовираат заштита, зачувување и подобрување на животната средина.”

Од подоцнежна дата, а во продолжена линија на овие случувања се и две резолуции на Советот за човекови права на ООН. Имено, Советот за човекови права на 8 октомври оваа година за прв пат призна дека да се има чиста, здрава и одржлива животна средина е човеково право. Во резолуцијата 48/13, Советот ги повика државите ширум светот да работат заедно, како и со останатите партнери, за спроведување на ова новопризнаено право. Во исто време, преку втора резолуција (48/14), Советот исто така го зголеми својот фокус на влијанијата врз човековите права од климатските промени со формирање на Специјален известувач посветен конкретно на тоа прашање.

Нацртот на Собранието во периодот кој следи ќе биде разгледан од Комитетот на министри на Советот на Европа, кој го има последниот збор во однос на тоа дали ќе биде изготвен нов протокол кон Конвенцијата. Одговорот од Комитетот дотолку буди неизвесност, со оглед на тоа што истиот не презема ништо по слично барање од Собранието во 2009 година. Парламентарците, исто така, препорачаа Комитетот на министри да изготви дополнителен протокол кон Европската социјална повелба за правото на безбедна, чиста, здрава и одржлива животна средина.

Во пресрет на серијата дебати на Парламентарното собрание за правото на здрава животна средина, Советот на Европа објави нова секција насловена „човековите права и животната средина на својата веб–страница која го нагласува влијанието на Европската конвенција за човекови права. Новиот дел вклучува десет студии на случаи кои покажуваат како пресудите на Европскиот суд за човекови права помогнаа да се сменат националните политики и практики за животната средина, во корист на луѓето кои биле директно засегнати, но и општеството во целина. Примерите, меѓу другото, вклучуваат подобра заштита од загадување од бучава во Хрватска, нови ограничувања на индустриските активности во Романија и подобрени правила за квалитет на воздухот во Грузија. Способноста и можноста на луѓето да ги оспоруваат одлуките што влијаат врз нивната локална средина, исто така е зајакната во земјите, меѓу кои како пример се наведени Белгија и Шведска. Дополнително, секцијата за животна средина на веб-страницата е достапна на англиски и француски јазик, додека во моментов се преведува на германски, руски и турски.


автор: Оливер Видиков, студент на мастер студиите по Меѓународно право и односи и право на ЕУ, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје

No comments:

Post a Comment