October 23, 2021

Заштита на животната средина преку механизмите за човекови права (1)

Судот во Стразбур како (погоден) форум за еколошки активизам


   https://www.coe.int/en/web/human-rights-rule-of-law/-/environment-and-human-rights-towards-a-right-to-a-healthy-environment


1. Врамување на поимот „животна средина" во меѓународното право за човекови права (системот на ООН)

    Заштитата на животната средина, генерално гледано, се наоѓа во почетоците на нејзиното регулирање во рамките на меѓународното право, а особено кога ја анализираме низ призмата на човековите права и механизмите за нивна заштита. Иако основните инструменти за заштита на човековите права[1], кои патем се изготвени долго пред да се појави минимум консензус и колективна свест за прашањата за животната средина, не се осврнуваат на ова прашање, денес во правната теорија е општо прифатен ставот дека човековите права и животната средина се меѓусебно поврзани.[2]

Уште во 1972 година, на првата Конференција на ООН за човековата околина, која се одржа во Стокхолм, беше нагласен односот помеѓу почитувањето на човековите права и заштитата на животната средина.[3] Па така, во преамбулата на Стокхолмската декларација се прокламира дека „двата аспекти на човековата околина, природна и вештачка, се од суштинско значење за неговата (човекова) благосостојба и за уживање на основните човекови права - дури и самото право на живот“. Понатаму, Принципот I од Стокхолмската декларација нагласува дека „Човекот има основно право на слобода, еднаквост и соодветни услови за живот, во средина со квалитет што овозможува живот достоинствено и добро и тој носи свечена одговорност за заштита и подобрување на животната средина за сегашните и идните генерации“.[4]

Конференцијата во Рио за животна средина и развој (UNCED) во 1992 година се фокусираше на врската што постои помеѓу човековите права и животната средина во однос на процесните права.[5] Принципот 10 од Декларацијата усвоена на конференцијата во Рио предвидува: „Прашањата за животната средина најдобро се решаваат со учество на сите засегнати граѓани, на соодветно ниво. На национално ниво, секој поединец ќе има соодветен пристап до информации за животната средина што ги поседуваат јавните власти, вклучувајќи информации за опасни материјали и активности во нивните заедници и можност да учествува во процесите на донесување одлуки. Државите ќе ја олеснат и поттикнат јавната свест и учество со тоа што ќе ги направат информациите широко достапни. Ќе се обезбеди ефективен пристап до судски и административни постапки, вклучително и надомест на штета и правни лекови.”

Можеби најафирмираниот правен акт во оваа насока е токму Архуската конвенција на Економската комисија на Обединетите нации за Европа.[6] Таа е оценета како “најамбициозниот потфат во демократијата за животна средина, преземен под покровителството на Обединетите нации”.[7] Во оваа насока, поранешната висока комесарка на ООН за човекови права Мери Робинсон, изјави дека:

“Конвенцијата е извонредно достигнување не само во однос на заштитата на животната средина, туку и во однос на промоцијата и заштитата на човековите права... Конвенцијата се осврнува на основните прашања на демократијата и правата на луѓето да ја заштитат својата благосостојба и на нивните деца. ... таа е клучен патоказ за иднината на човековите права и животната средина во сите делови на светот.”

Оттогаш продолжува работата на прашањето за човековите права и животната средина во рамките на ООН. Во овој поглед, доста значаен е конечниот извештај за „Човековите права и животната средина“ на специјалната известувачка за човекови права и животна средина Фатма З. Ксентини. Во истиот извештај, во Анекс I е содржана „Нацрт - декларација за принципи за човекови права и животна средина”.[8] Уште еден клучен настан во оваа насока е Самитот во Јоханесбург од 2002 година, кој се повикува и ги усовршува принципите на Декларацијата од Рио од 1992 година.



1.1. Обид за дефинирање на поимот „животна средина“


    Во отсуство на универзална рамковна конвенција, во моментов не постои општо прифатена правна дефиниција на поимот животна средина. Меѓутоа, анализирајќи ги неколкуте обиди за негово дефинирање во одредени меѓународни акти, се чини дека повеќето предложени дефиниции се прилично антропоцентрични. На пример, Меѓународниот суд на правдата во своето Советодавно мислење за легалноста на заканата или употребата на нуклеарно оружје вели дека „животната средина не е апстракција, туку таа го претставува просторот за живеење, квалитетот на животот и самото здравје на луѓето, вклучително и на идните генерации“.[9]

Понатаму, меѓу конвенциите поврзани со животната средина, разработени во рамките на Советот на Европа, само една се обидува да го дефинира обемот на концептот „животна средина“.[10] Оваа широко-поставена дефиниција може да се најде во Конвенцијата за граѓанска одговорност за штета што произлегува од активности опасни по животната средина (Лугано, 21 јуни 1993 година), која во својот член 2 (10) вели:

“’Животна средина’ вклучува:

- природни ресурси, абиотички и биотички, како што се воздухот, водата, почвата, фауната и флората како и нивната взаемна интеракција;

- имот што е дел од културното наследство; и

- карактеристичните аспекти на пејзажот.”

Стокхолмската декларација од 1972 година, во дефиницијата исто така ги вклучува и „особено репрезентативните примероци од природни екосистеми“. [11] да ги опфати „сите оние елементи што во нивните сложени меѓусебни односи ја формираат рамката и условите за живот за човештвото, според нивното постоење или врз основа на нивното влијание“ .[12]

Правниот пристап и обидите за дефинирање и понатамошна деконструкција на овој поим се предводени од потребата за негово разбирање пред се во генерални термини, а потем негово полесно врамување во рамката на меѓународното право за човекови права. Од друга страна, ова би го олеснило пристапот на негово подведување под сурогат норми од областа на човековите права пред постоечките механизми за заштита, како што е Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Ова особено затоа што подведувањето под сурогат норми (норми кои примарно имаат друг/различен предмет на заштита, како пример правото на живот од член 2 од ЕКЧП) е особено деликатен пристап и бара поголема разбирливост на поимите.


2. Европскиот суд за човекови права како форум за заштита на животната средина

    Европската конвенција за човекови права („ЕКЧП“) не гарантира материјално право на здрава животна средина и ниту една од нејзините одредби не е специфично дизајнирана да обезбеди општа заштита или зачувување на природата. Како и да е, несомнено постои суштинска врска помеѓу животната средина и човековите права загарантирани со Конвенцијата. Од нивното основање до денес, органите на ЕКЧП испитале над 270 апликации поврзани за заштита или деградација на животната средина.

Системот за заштита на основните права и слободи воспоставен со Конвенцијата се заснова на принципот на супсидијарност.[13] Задачата за обезбедување примена на Конвенцијата првенствено им припаѓа на државите членки на Конвенцијата. Европскиот суд за човекови права треба да интервенира само кога државите не ги исполнуваат своите обврски. Надзорот од Стразбур главно го иницираат индивидуални жалби, кои можат да бидат поднесени до Судот од кое било физичко или невладино правно лице кое доаѓа од некоја од државите потписнички на Конвенцијата. Затоа, групата на потенцијални апликанти е огромна: покрај осумстотините милиони жители на големата Европа и државјаните на трети земји кои живеат таму или транзитираат, има и илјадници здруженија, фондации, политички партии, компании кои го поседуваат ова право.

Конвенцијата не е дизајнирана да обезбеди општа заштита на животната средина како таква и експлицитно не гарантира право на здрава животна средина. Меѓутоа, Конвенцијата индиректно нуди одреден степен на заштита во однос на прашањата поврзани со животната средина, што е демонстрирано со развојот на судската практика на Судот. Судот се повеќе ги разгледува жалбите во кои поединци тврдат дека прекршувањето на едно од нивните права на Конвенцијата е резултат на неповолни фактори на животната средина. Факторите на животната средина може да влијаат на индивидуалните права гарантирани од Конвенцијата на три различни начини:

- Прво, човековите права заштитени со Конвенцијата може директно да бидат засегнати од неповолни фактори на животната средина. На пример, токсични издувни гасови од фабрика или ѓубре може да имаат негативно влијание врз здравјето на поединците. Јавните власти може да бидат обврзани да преземат мерки и да обезбедат заштита со цел човековите права да не бидат сериозно засегнати од овие негативни појави. Еклатантен пример на судска пракса во оваа насока е случајот Онерилдис против Турција, каде негрижата на јавните власти во однос на локална депонија резултираше со изгубени човечки животи.[14]

- Второ, неповолните фактори на животната средина може да доведат до потреба од остварување на одредени процедурални права за засегнатото лице. Судот има констатирано дека јавните органи мора да почитуваат одредени барања во врска со информациите и комуникацијата, како и учеството на јавноста во процесите на донесување одлуки и пристапот до правда во случаи кои ја засегаат животната средина. Школски пример каде судот има утврдено повреда на член 6 од Конвенцијата е случајот на Карин Андерсон и другите против Шведска.[15] Станува збор за случај каде на апликантите, кои биле директно засегнати со инфраструктурен проект на Владата, не им бил овозможен пристап до соодветните информации и до судска заштита.

- Трето, заштитата на животната средина, исто така, може да биде легитимна цел и основ за оправдување на мешањето на државата во одредени индивидуални човекови права. Судот на неколку наврати има утврдено дека правото на мирно уживање во сопственоста може да биде ограничено доколку тоа се смета за неопходно за заштита на животната средина. Случај кој евидентно го потврдува овој став е Фредин против Шведска, кој се однесува на искористување на природни ресурси од приватно земјиште.[16] Во овој случај, Судот констатира дека во денешното општество заштитата на животната средина е од сé поголемо значење.

Соочени со голем број случаи поврзани со животната средина, органите на ЕКЧП постепено ја прошируваат заштитата на човековите права да вклучува во себе и разни варијанти на штета и ризик од штета врз животната средина. Денес, системот ефикасно ја штити животната средина како последна инстанца на заштита и покрај тоа што тоа го прави преку сурогат норми на некој заобиколен начин наместо преку норми кои директно изискуваат заштита на животната средина.


3. Заклучни согледувања

    Целта на овој текст, меѓу другото, е да го зголеми разбирањето за односот помеѓу заштитата на човековите права според Европската конвенција за човекови права и животната средина и со тоа да придонесе за зајакнување на активизмот за заштитата на животната средина на национално ниво, особено преку форумот во Стразбур.

Бидејќи грижите за животната средина станаа поважни на национално и меѓународно ниво од 1950 година, судската пракса на Судот се повеќе ја одразува идејата дека правото за човекови права и заштитата на животна средина меѓусебно се поткрепуваат/засилуваат. Одличен индикатор за ова е и Прирачникот за човекови права и животна средина кој Советот на Европа го изработи во 2006, со цел поголемо разбирање на поврзаноста на заштитата на животна средина со Конвенцијата.[17]

Пресудите на Судот служат не само за решавање на конкретните случаи што се водат пред него, туку и, поопшто, за заштита и унапредување на правата утврдени со Конвенцијата, каде особено важно е толкувањето што тој го врши. Ова толкување на нормите кое го врши судот станува облигаторно за почитување од страна на државите согласно обврските преземени од нив како договорни страни на Конвенцијата. Со други зборови, корисните и широко распространети судски постапки во полза на животната средина може да го наведат ЕСЧП да завземе еден еко-центричен пристап и да применува еколошка рационалност во објаснувањето на вредноста на природата во случаи во кои нејзината заштита парадоксално се чини дека се судира со конвенционално перцепираните антропоцентрични права.

Важноста на Конвенцијата и Судот како форум за активизам за животната средина станува уште поголема, ако ја земеме предвид правната природа на Конвенцијата во контекст на Европа. Имено, Судот ја нагласи улогата на Конвенцијата како „уставен инструмент за европскиот јавен поредок“ во областа на човековите права.[18]


автор: Оливер Видиков, студент на мастер студиите по Меѓународно право и односи и право на ЕУ, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје



[1] Универзалната декларација за човекови права од 1948, Европската конвенција за човекови права од 1950, Европската социјална повелба од 1961, Меѓународните пакти на ООН од 1966.

[2] Дури до степен каде се вели дека правата за животна средина припаѓаат на “третата генерација човекови права”. Види Karel Vasak, “Human Rights: A Thirty-Year Struggle: the Sustained Efforts to give Force of law to the Universal Declaration of Human Rights”, UNESCO Courier 30:11, Paris: United Nations Educational, Scientific, and Cultural Organization, November 1977.

[3] United Nations Conference on the Human Environment in Stockholm, June 5-16, 1972.

[4] UN General Assembly, United Nations Conference on the Human Environment, 15 December 1972, A/RES/2994, available at: https://www.refworld.org/docid/3b00f1c840.html [accessed 16 September 2021].

[5] United Nations Conference on Environment and Development (UNCED) in Rio de Janeiro, June 3-14, 1992.

[6] UNECE: Convention on Access to Information, Public Participation in Decision-Making and Access to Justice in Environmental Matters, Aarhus, Denmark, 25 June 1998.

[7] Изјава дадена од двајца поранешни Генерални секретари на ООН, Кофи Анан и Бан Ки-Мун. Види: UNECE: What people are saying about the Aarhus convention, достапно на https://unece.org/fileadmin/DAM/env/pp/documents/statements.pdf;

UNECE: The Aarhus Convention - An Implementation Guide, Second edition, 2014, p. 4, достапно на https://unece.org/DAM/env/pp/Publications/Aarhus_Implementation_Guide_interactive_eng.pdf.

[8] Human Rights and the Environment, Final Report, Ms F.Z. Ksentini, Special Rapporteur, UN Doc.E/CN.4/Sub.2/1994/9.

[9] Legality of the Threat or Use of Nuclear Weapons, Advisory opinion of 8 July 1996, ICJ. Reports (1996) 226, paragraph 29.

[10] Convention on Civil Liability for Damage resulting from Activities Dangerous to the Environment (ETS No 150); Convention on the Protection of Environment through Criminal Law (ETS No. 172); European Landscape Convention (ETS No. 176).

[11] Види Principle 2 in the Declaration of the UN Conference on Human Environment, Stockholm 1972, published in Molitor (ed), International Environmental Law, Primary Materials, 1991, p 81.

[12] EEC OJ C 115, May 1976, p 2.

[13] Protocol No. 15 to the Convention entered into force on 1 August 2021; The importance of this principle has been reaffirmed with the adoption and entry into force of Protocol No. 15 to the Convention, which has introduced an explicit reference to it in the Preamble to the Convention.

[14] Case of Öneryildiz v. Turkey (Application no. 48939/99), 30 November 2004, достапно на http://hudoc.echr.coe.int/fre?i=001-67614.

[15] Case of Karin Andersson and Others v. Sweden (Application 29878/09), Judgment of. 25 September 2014, final on 25 December 2014.

[16] Case of Fredin v. Sweden (no. 1). (Application no. 12033/86). Judgment, Strasbourg, 18 February 1991.

[17] Council of Europe: Manual on Human Rights and the Environment – Principles taken from the case law of the European Court of Human Rights, Second edition, 2012, достапно на https://www.echr.coe.int/Documents/Pub_coe_Environment_2012_ENG.pdf.

[18] Case of Bosphorus Hava Yolları Turizm ve Ticaret Anonim Şirketi v. Ireland [GC], no. 45036/98, § 156, ECHR 2005-VI.


No comments:

Post a Comment