September 14, 2021

Референдумот како облик на непосредна демократија и неговата употреба во еколошката сфера

         

                                                                                                      https://www.porta3.mk/slovenija-na-referendum-gi-zashtiti-vodotecite/ 

    

    Во последно време сме сведоци на важни трансформативни процеси на јакнење на правните механизми за непосредно изјаснување на граѓаните по прашања од областа на животната средина. На 11 јули оваа година граѓаните на Словенија со убедливо мнозинство на референдум одржан на државно ниво ги отфрлија предложените измени на Законот за води. Намерата на словенечката влада да го измени Законот за води предизвика жестока дебата во јавноста, особено делот кој се однесува на градење на објекти покрај водотеци, односно море, реки и езера. 

Иако тамошното Министерство за животна средина тврдеше дека со законските измени ќе биде забранета градба на индустриски и приватни објекти во крајбрежните подрачја, сепак, еколошките активисти уверуваа дека со нив би се постигнало спротивното, односно дека напротив со нив ќе се дозволи изградбата на таквите објекти. Според нив, новиот закон би бил од интерес првенствено за приватните инвеститори и би го ограничил пристапот на јавноста до вода, притоа загрозувајќи го нејзиниот квалитет.[1] Меѓу другото, Словенија е една од малкуте држави во светот која во својот устав го има внесено неповредливото право на граѓаните на вода за пиење. Одѕивот на граѓаните на референдумот за измените на Законот за води изнесуваше нешто повеќе од 45% од вкупно 1,7 милиони гласачи, додека 86,5 проценти од излезените граѓани гласаа против амандманите предложени од Владата на премиерот Јанез Јанша во март оваа година.[2]


Македонските v. словенечките правила за утврдување на референдумските резултати

    Според важечкото словенечко законодавство, за да еден закон да биде отфрлен по пат на референдум, мнозинството излезени граѓани треба да гласаат против, под услов да гласаат најмалку петина од вкупниот број избирачи, односно нешто помалку од 340.000 од 1,7 милиони граѓани со право на глас. За споредба, овој праг за успешност на референдумот е далеку понизок од оној кој се превидува во македонскиот Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните кој побарува повеќе од половината од вкупниот број граѓани со право на глас да излезат на гласачките места. Дали ваквото рестриктивно законско решение е пречка во однос на остварувањето на демократското право на граѓаните на непосредно, референдумско изјаснување по прашања кои нив директно ги засегаат?

Иако во член 2 од Уставот на РСМ се гарантира дека граѓаните на Република С. Македонија власта ја остваруваат преку демократски избраните претставници, по пат на референдум, како и други облици на непосредно изјаснување. Во член 25 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се утврдува дека референдум на државно ниво може да се распише за прашања што треба да се уредат со закон (претходен референдум) или за преоценување на закон што претходно е донесен (дополнителен референдум). Собранието на РСМ распишува референдум на државно ниво по сопствена иницијатива и по предлог на најмалку 150.000 граѓани (член 20). За одлуките на референдумот распишан на државно ниво да се сметаат за усвоени потребно е за нив да гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список.[3] Се забележува дека македонскиот закон е доста ригиден кога станува збор за задолжителниот праг на излезност (цензус) потребен за уважување на одлуката донесена преку референдумско изјаснување.

Од друга страна, според член 36 од Законот за референдум, референдумите на локално ниво ги распишува советот на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20% од граѓаните од општината, градот Скопје и општините во градот Скопје. Советот може да распише референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува. За утврдување на резултатите од гласањето на локалните референдуми соодветно се применуваат одредбите од Законот што се однесуваат на референдумот одржан на државно ниво.[4]


Локалните референдуми во југоисточниот регион на РСМ

    Од серијата несреќни епизоди поврзани со референдумското изјаснување во нашата држава, би можела да се издвои онаа со референдумите кои во 2017 година беа спроведени во неколку општини од југоисточниот дел на РСМ, околу доделувањето концесија за отворање на рудниците Казандол и Иловица-Штука. Општинските власти на Валандово, Ново Село, Радовиш, Ѓевгелија и Дојран донесоа одлука за спроведување на референдуми на локално ниво во овие општини, по што, сите референдуми, со исклучок на еден, беа успешно спроведени и го задоволија законскиот праг за излезност. Одржаните референдуми на локално ниво беа јасен израз на волјата на жителите од засегнатите општини кои беа загрижени за тоа како отворањето и работата на рудниците ќе се одрази на нивното здравје и на животната средина. Особено проблематична во оваа смисла е процесот на обработка на рудата преку лужење со цијанид, за чија забрана поради нејзините штетни ефекти со резолуција се заложи и Европскиот Парламент.[5]

И покрај тоа што во согласност со позитивните правила беше неспорно дека референдумите (со исклучок на еден) беа успешни, сепак, поединци и Државниот инспекторат за локална самоуправа поднесоа иницијативи до Уставниот Суд на РСМ за оценка на уставноста на одлуките за спроведување на референдум донесени од страна на општинските совети. Голем дел од локалното население од овие општини беше револтирано од одлуките кои Уставниот суд на РСМ ги донесе во мај и јуни 2018 година, со кои ги поништи одлуките за распишување на референдум во општините Валандово, Ново Село, Радовиш, Ѓевгелија и Дојран,[6] поништувајќи ги на тој начин и правните ефекти кои произлегоа или требаше да резултираат од успешно спроведените локални референдуми против отворањето на рудници на територијата на овие општини. Уставниот суд за сите одлуки имаше слично образложение – имено, дека локален референдум може да се распише само за прашања од надлежност на општината, односно за прашања од локално значење. Според Судот, прашањето за експлоатација на минерални суровини не е во надлежност на општините, туку за него се надлежни да одлучуваат органите на централната власт, поточно Владата и надлежното министерство. Законското решение за овие прашања да одлучуваат органите на централната власт (Владата и ресорното министерство), според проценката на Судот е оправдано ако се има предвид дека минералните суровини, независно од тоа каде се наоѓаат, се во сопственост на државата и тие имаат стратешко значење за нејзиниот развиток. Така, Судот ценеше дека иако Уставот го гарантира правото на граѓаните на локална самоуправа, издигајќи го на ниво на темелна вредност на уставниот поредок, во дадените случаи советите на општините распишале локални референдуми за прашања кои не се во нивна надлежност.

    Имајќи го за споредба словенечкиот пример, евидентно е дека доколку сакаме ефективна употреба на законските механизми за непосредно изјаснување на граѓаните кои би биле во функција на суштинско остварување на интересите на македонските граѓани, меѓу другото и во еколошката сфера, потребно е намалување на прагот на излезност (цензусот) за утврдување на успешноста на референдумите на државно и локално ниво. На тој начин, би се гарантирала вистинска вклученост на јавноста во одлучувањето по прашања кои ја засегаат и би се обезбедила суштинска отвореност и транспарентност во работата на државните органи.


автор: проф. д-р Илина Ценевска, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје

---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

[1] https://libertas.mk/slovencite-na-referendum-gi-otfrli-a-izmenite-na-zakonot-za-vodi/

[3] Член 30(1), Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, Службен Весник на Р.М. бр:81/2005 од 26.09.2005.

[4] Член 57, Закон за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

[5] P7_TA(2010)0145 European Parliament resolution of 5 May 2010 on a general ban on the use of cyanide mining technologies in the European Union, https://www.europarl.europa.eu/doceo/document/TA-7-2010-0145_EN.pdf

[6] Одлуки на Уставен Суд на РСМ: У.бр.72/2017-1, 2 Мај 2018 (општина Валандово)У.бр.106/2017-1, 8 мај 2018 (општина Ново Село)У.бр.126/2017-1, 30 мај 2018 година (општина Радовиш)У.бр.131/2017-1; 11 Јуни 2018 (општина Гевгелија), У.бр.74/2017-1, 11 Јуни 2018 (општина Дојран).


No comments:

Post a Comment