| https://perm-es.com/en/liabilities |
Несомнено е дека, децении после западниот свет, полека, но сигурно, за важноста на еколошките теми почнуваме да се освестуваме и кај нас, во нашиот, македонски контекст. Се бележи тренд на организирање на сé повеќе настани — семинари, конференции, јавни дискусии и дебати на еколошки теми, се организираат работилници во основните и средните училишта и на факултетите. Факт е дека голем дел од овие настани бележат голема посетеност и се помпезно најавувани, најчесто со презентери и излагачи од владините институции или дипломатски претставници кои придонесуваат за подигање на рејтингот и препознатливоста на настанот во медиумите. Претставниците од научната јавност ретко кога се во улога на главни воведничари на настанот.
Но, по завршувањето на настанот, кога се гасат камерите и микрофоните, се чини дека суштината на самата еколошка идеја и цел заради која бил организиран настанот, најчесто не продолжува да живее со граѓаните — дотогашната публика. Многу ретко воочуваме видлива промена во нивниот третман кон животната средина понатаму во нивното работно и приватно опкружување. Изгледа, перцепцијата е дека доволно сме направиле — сме го организирале настанот, или сме присуствувале, сме се вклучиле во дискусија, можеби сме имале и конкретна корист од таквото учество: ако сме од академскиот или НВО светот, можеби сме договориле подготовка на проект кој ќе биде профитабилен за универзитетот (со потенцијал да нè придвижи место погоре на фамозната Шангајска листа), за граѓанското општество, или, конечно, за самата држава.
Сепак, што е со нашата еколошка свест кога немаме сведоци, кога немаме финансиска или друга мерлива придобивка од нашето ангажирање — освен, очиледната, суштинската, онаа од која има корист самата животна средина? Дали сме подготвени да го шириме еколошкиот збор и промовираме еколошко освестување дури и во отсуство на масовна публика, амбициозен маркетинг и популаризација, дури и тогаш кога не ни се „исплати“? Дали и тогаш сме подготвени да ја носиме еколошката вистина во себе, спремни да ја споделиме и да им ја пренесеме на другите, без разлика дали се тоа еден, двајца или само неколкумина? Или, сепак, бројноста на публиката односно сведоците е пресудниот критериум?
Еве, земете ја за илустрација било која меѓународна или национална конференција од отворен карактер организирана кај нас и проверете ја посетеноста на последната, па дури и претпоследната дневна сесија од настанот (еднодневен или повеќедневен, сеедно). Вистината е дека најчесто, до крајот остануваат сосема мал број (некогаш се бројат на една рака!) благонадежни учесници и посетители-ентузијасти. На почетокот сите се туркаме да влеземе, се бара место повеќе, додека на крајот на настанот сликата е сосема поинаква. Можеби затоа што тогаш шансата да профитираме од приликата, од „жешката“, „модерна“ еколошка тема која е на агендата, е значително намалена или еднаква на нула.
Лекцијата која што се чини дека сè уште ја немаме совладано е дека вистинската промена започнува дури откако ќе се изгаснат рефлекторските светла. Таквата промена е имуна на лажни разубавувања, симулирани статистики, „запален“ алгоритам и борба за кликови. Ние, нажалост, имаме допатувано само до лекцијата дека е битно светот да нè дознае и да нè чуе, и тоа што погласно — а тоа што ќе се случува по тоа, и не е толку важно. Но, во исто време, вистината е дека доколку на еколошкото право гледаме како на „мода“, а на еколошките теми како на „помодарство“, ние однапред веќе сме ја изгубиле битката за животната средина.
Проф. д-р Илина Ценевска, Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје
Уредник на блогот „Зелена иницијатива“
No comments:
Post a Comment