April 6, 2021

Охридското Езеро - дел од режимот на заштита на Рамсарската Конвенција за водни живеалишта од меѓународно значење

 

    Конвенцијата за водни живеалишта од меѓународно значење (Рамсарска Конвенција) користи широка дефиниција за видовите водни живеалишта опфатени со неа. Имено, тука спаѓаат езера и реки, мочуришта, блата, влажни пасишта и тресетници, оази, утоки, делти, крајбрежни морски области, мангрови и корални гребени, како и локалитети создадени од човекот, како рибници, резервоари итн.[1] Општо земено, водните живеалишта (wetlands) се предели каде заситеноста со вода е доминантен фактор што ја одредува природата на развојот на почвата и видовите на растителни и животински заедници што живеат во почвата и на нејзината површина.[2]

 По својот изглед, водните живеалишта варираат во зависност од регионалните и локалните разлики во почвите, топографијата, климата, хидрологијата, хемискиот состав на водата, вегетацијата и други фактори, вклучувајќи го и човековото влијание.[3] Тие се едни од најразнообразните и најпродуктивните екосистеми; тие ги обезбедуваат неопходните екосистемски услуги и ја снабдуваат целата наша свежа вода.[4] Воедно, водните живеалишта се од особено значење бидејќи обезбедуваат мноштво еколошки, економски и социјални придобивки: тие обезбедуваат живеалиште за слатководните и соленоводни риби и школки, дивите животни и растителниот свет.[5] Тие се подеднакво важни и поради тоа што ги зачувуваат карактеристиките на пејзажот со тоа што ја задржуваат и полека испуштаат водата од поплавите и топењето на снегот, ги надополнуваат подземните води, дејствуваат како филтри за чистење на водата од нечистотии и ги рециклираат хранливите материи.[6] Исто така, водните живеалишта складираат вода и го одржуваат нејзиниот квалитет, обезбедувајќи заштита против суша. Тие штитат од поплави и други временски непогоди, обезбедуваат храна, нудат живеалишта за разновидните биолошки видови и играат клучна улога во одржување на животните циклуси на голем број биолошки видови.[7]

Но, квалитетот на водните живеалиштата постепено се деградира и тие исчезнуваат поради зголемените барања на растечката човечка популација. Неконтролираната експлоатација на водните живеалишта насекаде во светот сè повеќе го загрозува нивниот капацитет за обезбедување на основните екосистемски услуги за кои стана збор претходно.[8]

Мисијата на Рамсарската Конвенција се состои во „зачувување и разумно користење на водните живеалишта преку локални и национални акции и меѓународна соработка“.[9] Според трите столба на кои се темели Конвенцијата, нејзините договорни страни се обврзуваат: а) да работат на разумно користење на сите нивни водни живеалишта преку развивање и носење на национални планови, политики и законодавство, активности за управување и јавно образование; б) да определат (назначат) водни живеалишта кои ќе бидат ставени на листата на водни живеалишта со меѓународно значење („Рамсар Листа“) и да обезбедат нивно ефективно управување; в) да соработуваат на меѓународно ниво во однос на прекуграничните водни живеалишта, споделуваните системи на водни живеалишта и заедничките видови, како и во контекст на различните проекти и активности кои можат да влијаат на водните живеалишта.[10]

Разумното користење на водните живеалиштата Конвенцијата го дефинира како „одржување на нивните еколошки карактеристики, преку примена на екосистемски пристап во согласност со одржливиот развој“. Разумното користење на тој начин може да се сфати како зачувување и одржливо користење на водните живеалиштата и сите природни бенефити кои тие ги нудат.[11]

Согласно режимот на Конвенцијата, секоја договорна страна назначува административен орган како фокусна точка за спроведување на Конвенцијата на национално ниво. Исто така, во таа насока, пожелно е секоја од нив да формира и посебен Национален комитет за водни живеалишта.[12] Клучна обврска за договорните страни на Конвенцијата е тие да назначат соодветни водни живеалишта кои би биле дел од Листата на водни живеалишта со меѓународно значење („Рамсар Листа“).[13] Конвенцијата располага со неколку механизми преку кои им помага на договорните страни во определувањето на нивните најзначајни водни живеалишта за „Рамсар подрачја“, како и да ги преземат неопходните чекори за нивно ефикасно управување, задржувајќи ги нивните еколошки карактеристики.[14]

Рамсар локалитетите треба да ги задоволуваат Критериумите за идентификување на водни живеалиштата со меѓународно значење.[15] Првиот критериум се однесува на подрачјата кои содржат репрезентативни, ретки или уникатни видови водни живеалишта, а останатите осум се однесуваат на локалитети од меѓународна важност за зачувување на биолошката разновидност.[16] Рамсар Листата претставува најголема светска мрежа на заштитени подрачја. На териториите на 171 договорни страни на Конвенцијата во моментов постојат над 2.400 Рамсар подрачја, кои покриваат површина од повеќе од 2,5 милиони квадратни километри.[17]

Република С. Македонија е договорна страна на Рамсарската Конвенција и досега има назначено три подрачја на Рамсар Листата.[18] Последната, постапката за номинација на Охридското Езеро и Студенчишко Блато за вклучување на Листата на Рамсар подрачја, траеше од 2017 година и дури неодамна беше финализирана. Како што истакнуват од граѓанското здружение Охрид ЅОЅ, „исклучително важно е во ситуација на климатска криза да се обезбеди што поголема заштита на блатните екосистеми, бидејќи блатата се еден од клучните механизми кои обезбедуваат редуцирање на последиците од климатската криза. Блатата „заробуваат“ јаглерод, го подобруваат и го одржуваат квалитетот на водата, го намалуваат ризикот од поплави и служат како мрестилишта и гнездилишта со што придонесуваат да се одржи балансот во екосистемите.“

Околу институционалните лавиринити во рамките на Министерството за животна средина и просторно планирање кои ја оддолжија постапката за номинација, прочитајте повеќе на овој линк.


[1] https://www.fws.gov/international/wildlife-without-borders/ramsar-wetlands-convention-background.html
[2] https://digital.library.unt.edu/ark:/67531/metadc948825/
[3] https://www.fws.gov/international/wildlife-without-borders/ramsar-wetlands-convention-background.html
[4] https://www.ramsar.org/sites/default/files/documents/library/introducing_ramsar_web_eng.pdf
[5] https://www.fws.gov/international/wildlife-without-borders/ramsar-wetlands-convention-background.html
[6] https://www.fws.gov/international/wildlife-without-borders/ramsar-wetlands-convention-background.html
[7] https://www.ramsar.org/sites/default/files/documents/library/introducing_ramsar_web_eng.pdf
[8] Ibid.
[9] Ibid.
[10] Ibid.
[11] Ibid.
[12] Ibid.
[13] https://www.ramsar.org/sites-countries/wetlands-of-international-importance
[14] Ibid.
[15] https://www.ramsar.org/sites/default/files/documents/library/ramsarsites_criteria_eng.pdf
[16] https://www.ramsar.org/sites-countries/wetlands-of-international-importance
[17] Ibid.
[18] Конвенција за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење (Рамсар), Уредба за ратификација (Сл.лист на СФРЈ 9/77); https://www.moepp.gov.mk/?page_id=4200.

No comments:

Post a Comment