March 18, 2021

Момент на вистината за климатските амбиции на ЕУ

                             https://gasnaturally.eu/wp-content/uploads/2020/03/ESQxCMxWsAAx-FR.jpg

    Четвртиот круг преговори на Европскиот Парламент, Советот и Комисијата околу новата Регулатива на Европскиот Парламент и Советот за воспоставување рамка за климатска неутралност, популарно позната како Европски климатски закон, заврши на 12-ти март оваа година. Носењето на климатската регулатива претставува приоритет за португалското претседателство со Советот на ЕУ, но се чини дека тврдите позиции на Советот и Парламентот ризикуваат да го одложат нејзиното усвојување.

Предлогот на Комисијата за Европски климатски закон, поднесен во март 2020 година, е една од основните компоненти на Европскиот зелен договор кој оваа институција го претстави во декември 2019 година.[1] Од своја страна, ставајќи акцент на итноста за решавање на климатските прашања, Парламентот претходно прогласи вонредна климатска состојба (состојба на климатска итност) во ноември 2019 година.[2]

Намената на идниот Европски климатски закон е да ја претвори целта за климатска неутралност на ЕУ до 2050 година во конкретно законодавство. Климатскиот закон за сите држави-членки на ЕУ би вовел задолжителна цел за климатска неутралност до 2050 година при што нејзиното исполнување би станало правна обврска за нив. Покрај тоа, со овој акт тие би се обврзале и на почитување на климатската цел на ЕУ за 2030 година, чијашто нето вредност моментално е предмет на интензивни преговори меѓу Парламентот, Советот и Комисијата. Имено, иако Советот и Парламентот веќе ги претставија своите позиции во однос на предлог-текстот на Европскиот климатски закон доставен од Комисијата, сепак, приказната е далеку од завршена. Главниот камен на сопнување е токму климатската амбиција за 2030 година.

Имено, Советот во декември 2020 година утврди генерален став за текстот на предлогот, при што беше договорена цел за намалување на стакленичките гасови во ЕУ заклучно со 2030 година за најмалку 55% во споредба со нивоата на стакленички гасови од 1990 година како референтна точка.[3] Овој генерален став претставува компромисно решение и е резултат на макотрпни преговори и отстапки од страна на климатски ангажираните држави како Холандија, Данска и Шведска, во корист на државите кои заостануваат во процесот на енергетска транзиција, како Бугарија, Романија и Полска, чиишто енергетски индустрии се зависни од јаглен и заради тоа се значително јаглеродо-интензивни. За разлика од Советот, Парламентот гласаше за климатска цел која предвидува 60% намалување во споредба со нивоата од 1990 година.[4]

Она што сега преостанува е потешкиот дел кој ќе значи усогласување на ставовите на Парламентот, Советот и Комисијата во поглед на конечниот текст на климатскиот закон. Интересно, според еден од европратениците од Партијата на зелените кој е дел од парламентарниот тим во преговорите, Michael Bloss, на последната рунда преговори Советот одбил да дискутира за теми поврзани со климатската цел за 2030 година.[5] Покрај тоа, на преговорите не било разговарано ниту за други важни прашања, како што се субвенциите за фосилни горива и пристапот до правда за европските граѓани кои бараат судска разврска за пасивноста на нивните национални влади во борбата против климатските промени.[6]

Како што беше кажано, во преговорите Парламентот инсистира на 60% намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година, наспроти нето вредноста од 55% за која се застапува Советот. Според Jytte Guteland, главен преговарач за Европскиот Парламент и член на Групата на социјалисти и демократи, неможноста институциите да постигнат консензус околу нето целта прави Европа да изгледа немоќно во поглед на исполнување на сопствените климатски заложби, испраќајќи лоша порака за остатокот од светот.[7]

Уште една важна новина е тоа што Советот и Парламентот[8] се согласни околу предлогот за формирање на Европски совет за климатски промени како независно тело за следење на усогласеноста на правната регулатива на Унијата со преземените климатски цели. Но, и во однос на ова прашање постои разидување во ставовите. Советот го замислува ова ново тело на ЕУ како мрежа на претставници назначени од државите-членки, додека Парламентот смета дека тоа треба да биде научно советодавно тело засновано на компетентност, кое нема да подлежи на национални критериуми и условувања.[9] Како што истакна европратеникот Bloss, Советот ова тело го замислува првенствено како политичко, а не научно тело.[10]

Во секој случај, оптимистичкото сценарио налага преговорите за Европскиот климатски закон да завршат најдоцна до 22-ри април што би значело дека дотогаш ЕУ треба да ја има утврдено својата нето климатска цел, за Комисијата врз основа на неа да може да го подготви пакетот законодавни мерки од областа на енергетската и климатската политика, најавен за јуни 2021 година.[11] Секако, моменталното доцнење со преговорите може да го загрози и значително да го одложи носењето на планираниот пакет мерки.



[1] https://ec.europa.eu/clima/sites/clima/files/eu-climate-action/docs/prop_reg_ecl_en.pdf.
[2] https://www.europarl.europa.eu/news/en/press-room/20191121IPR67110/the-european-parliament-declares-climate-emergency
[3] https://data.consilium.europa.eu/doc/document/ST-14171-2020-INIT/en/pdf.
[4] https://www.europarl.europa.eu/news/en/press-room/20201002IPR88431/eu-climate-law-meps-want-to-increase-2030-emissions-reduction-target-to-60
[5]https://www.euractiv.com/section/climate-environment/news/very-big-tasks-ahead-in-eu-climate-law-negotiations/ [16/3/2021]
[6] Ibid.
[7] Ibid.
[8] https://www.europarl.europa.eu/news/en/press-room/20201002IPR88431/eu-climate-law-meps-want-to-increase-2030-emissions-reduction-target-to-60
[9] Supra, з.5.
[10] Ibid.
[11] Ibid.

No comments:

Post a Comment