February 24, 2021

Европскиот зелен договор и климатската цел за „нула емисии“


https://www.onthemosway.eu/15-organisations-from-the-transport-sector-call-for-a-bold-and-realistic-european-green-deal/?cn-reloaded=1

    Европскиот зелен договор (European Green Deal) на Европската Унија означи нова ера во начинот на кој Унијата ги води и развива своите политики. Целите на „Европскиот зелен договор“ беа утврдени во Комуникација на Европската Комисија усвоена во декември 2019 година. Определбите содржани во овој договор се продукт на посветеноста на Европската Комисија за справување со климатските промени и предизвиците поврзани со животната средина.

На глобално ниво, земјината атмосфера бележи тренд на постојано затоплување, а климатските последици од овој процес ги чувствуваме сите ние – тие се основната причина за загубата на дел од биодиверзитетот, дефорестацијата, зголемената појава на суши, негативните последици по човековото здравје, итн. Како одговор на овие предизвици, Европскиот зелен договор претставува нова стратегија за раст која има за цел да ја трансформира Европската Унија во фер и просперитетно општество, со модерна, ресурсно-ефикасна и конкурентна економија, којашто од 2050 година се очекува да произведува нула нето емисии на стакленички гасови. Подеднакво, целта на договорот е да се унапреди заштитата на природниот капитал на ЕУ и да се гарантира заштитата на здравјето и благосостојбата на граѓаните од ризиците и влијанијата поврзани со животната средина.

Транзицијата кон новиот модел на раст и просперитет во Европски рамки мора да биде праведна и инклузивна, ставајќи ги луѓето во преден план. За ефективно намалување на износите на штетни емисии потребни се значителни јавни инвестиции и зголемени напори за насочување на приватниот капитал кон климатските и еколошките активности. Како што се наведува во Комуникацијата, ЕУ мора да биде во првите редови во процесот на координација на меѓународните напори за градење на кохерентен финансиски систем кој ќе поддржува одржливи решенија. Но, таа нема да успее да ја постигне еколошката амбиција на Зелениот договор дејствувајќи сама. Факторите кои ги предизвикуваат климатските промени и загубата на биодиверзитетот се од глобален карактер и не познаваат национални граници. Од овие причини, ЕУ како глобална сила ќе го искористи своето влијание, експертиза и финансиски средства за да ги мобилизира своите соседи и партнери за да ѝ се придружат во овие заложби.

Примарно, заложбите на Унијата за исполнување на амбициозните цели на Зелениот договор вклучуваат: носење на построги мерки за заштита на биодиверзитетот и екосистемите, како и нивна поревносна имплементација; реализација на старатегијата „од фарма до вилушка“ која се стреми кон примена на поодржливи модели на производство, дистрибуција и потрошувачка на храна; одржливо земјоделство и одржлива индустрија; воспоставување на модели на „чиста“ енергија, каде акцентот ќе биде ставен на доминатно учество на обновливите извори на енергија; одржлива мобилност на Европските граѓани преку промовирање на одржлив транспортен систем во рамки на државите и помеѓу нив; борба против загадувањето (аерозагадувањето, штетните емисии во водата, почвата, и општо, биосферата, итн.); и амбициозна климатска активност на Унијата која ќе се осигура дека целта за климатска неутралност до 2050 година ќе биде остварена.

Преминот кон новиот модел на раст ќе се обезбеди преку т.н. правична транзиција (just transition) односно транзиција која ќе се спроведе на фер и инклузивен начин. Не сите земји-членки, региони и градови ја започнуваат оваа транзиција од истата точка, ниту пак имаат ист капацитет да одговорат. Граѓаните од различни региони и сектори, во зависност од нивните социјални и географски околности, ќе бидат засегнати на различни начини. Следствено, механизмот за правична транзиција ќе се фокусира на регионите и секторите кои се најмногу погодени од транзицијата, бидејќи овие последните се претежно зависни од фосилните горива и различни јаглеродо-интензивни процеси кои најмногу ѝ штетат на животната средина.

 

 

Извори:

Communication from the Commission, The European Green Deal”, COM(2019) 640 final, Brussels, 11.12.2019 (https://eur-lex.europa.eu/legal-content/EN/TXT/?qid=1576150542719&uri=COM%3A2019%3A640%3AFIN);

Communication from the Commission to the European Parliament, the Council, the European Economic and Social Committee and the Committee of the Regions, “Forging a climate-resilient Europe - the new EU Strategy on Adaptation to Climate Change", COM(2021) 82 final, 
Brussels, 24.2.2021 (https://ec.europa.eu/clima/sites/clima/files/adaptation/what/docs/eu_strategy_2021.pdf);

No comments:

Post a Comment